ИКТ комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, ја организираше тркалезната маса на тема „Одлив на работна сила од ИКТ секторот“, во рамките на која свое обраќање имаше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. Владиниот, приватниот и академскиот сектор бараат начини како да се намали и спречи заминувањето на ИКТ кадрите од Македонија во странство и за зголемување на бројoт на информатички кадри за потребите на приватниот сектор во земјата.
Министерот Ивановски истакна дека во Агенцијата за вработување се регистрирани 1.330 невработени информатичари, кои би можеле да бидат искористени за потребите на приватниот сектор.
„Со Министерството за образование и со Владата преземаме повеќе активни мерки да ги доедуцираме овие кадри за да можат веднаш да бидат способни откако ќе влезат во приватниот сектор да продуцираат вредности. Владата ја разгледува можноста за издвојување дополнителни средства за дообука на невработените информатичари, затоа што има голем број на странски компании од секторот информатички комуникации кои доаѓаат во Македонија и бараат таков кадар.“- рече Ивановски.
Тој додаде дека голем дел од невработените информатичари евидентирани во Агенцијата за вработување работат за странски компании и со новиот закон ќе мора да ги плаќаат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.
„Со тоа очекуваме во овој сектор да се намали сивата економија, па со тоа ќе ја видиме и реалната слика на невработени информатичари. Нашите податоци говорат дека голем дел од нив работат како здружен тим за аутсорсинг и со тоа остваруваат добри приходи.“– рече министерот Ивановски.
Владата подолго време работи на реформите во образованието, при што се апелира повеќе студенти да се запишуваат на техничките науки. Инаку, бројот на студенти во ИКТ областа изнесува 1.200 на годишно ниво, од кои дипломираат околу 50 %.
На тркалезната маса се обрати и претседателот на ИКТ комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Саша Огненовски, а присуствуваа и деканите на факултетите од Република Македонија со кои ИКТ комората има потпишано Меморандуми за соработка, кои ги изнесоа своите видувања за оваа проблематика.