Министерството за транспорт и врски со реакција на прес-конференцијата на ОО на СДСМ-Охрид

Министерството за транспорт и врски најостро реагира на наводите од денешната прес-конференција на општинската организација на СДСМ – Охрид, со кои се наведува дека од страна на државата било откупено земјиште за 10 милиони денари блиску до охридскиот аеродром, иако тоа земјиште како што велат од Министерството не може да се искористи за проширување на аеродромот, со што на претходните сопственици, партиски војници, роднини и пријатели на претставници на власта им се подариле 162.600 евра…

„Земајќи го фактот дека експропријацијата за која на оваа прес-конференција информираат СДСМ е направена пред 7 години, а сега во пресрет на претседателските избори се обидуваат да лиферуваат неточни информации во однос на истата, сметаме дека станува збор за обид да се одвлече вниманието од фактот дека СДСМ за време на нивното владеење немаат реализирано ниту еден значаен проект во областа на воздухопловството. Имено, постапката за урбанизација, односно изработка на планска документација е започната во 2007 година, а експропријацијата на земјиштето во 2008 година. Утврдувањето на износот за експропријација за повеќе од 90% од предметите е решено по судски пат.За ноторно непознавање на оваа област од страна на СДСМ говори и фактот дека денес изнесените изјави се целосни невистини и сакаме да ја информираме јавноста дека експропријација се врши врз основа на утврдена планска документација, која за проектот за модернизација на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид е согласно меѓународните воздухопловни стандарди на ИКАО (Меѓународна организација за цивилно воздухопловство), а истата беше одобрена од страна на реномираниот консултант „НАКО“ од Холандија.“- стои во рекацијата на Министерството за транспорт и врски.