На денешната Завршна конференција на проектот на ЕУ за Техничка помош на Министерството за информатичко општество и администрација и зајакнување на имплементацијата на Националниот систем координација на обуки, беа сублимирани резултатите и очекувањата од неговото спроведување и согледани позитивните страни од преземените активности.
Во своето обраќање министерот Ивановски се осврна на реформите во јавната администрација, како приоритетна област на Владата на Република Македонија за напредокот во процесот на пристапување во ЕУ.
„Главната наша цел беше да создадеме услови за развој на професионална, компетентна, ефикасна, одговорна и етичка државна служба која ќе нуди транспарентна висококвалитетна услуга на граѓаните и бизнисот“.- рече Ивановски.
Проектот кој беше финансиран од Европската Унија, започна на 13 мај 2013 година и трае 19 месеци, односно до 13 декември 2014 година. Тој е имплементиран од страна на италијанската Латанзио во соработка со Формез од Италија, ФИИАП од Шпанија и Центарот за јавна реформа од Австрија, а договорен со Секторот за централно финансирање и склучување договори.
„Во овој временски период беa преземени низа активности кои беа во насока на поддршка на јавната администрација преку Одделенијата за управување со човечки ресурси во однос на работните постапки и плановите за обука, потоа поддршка на политиките за обука, координација на обуките и на системот на обуки, развој на програми за обука и испорака на обуки, поддршка за зајакнување на правната рамка во односно на јавната администрација, на приоритетите на Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и поддршка на ИПА Одделението во МИОА во однос на работните постапки.“- додаде министерот Ивановски.
На завршната конференција се обратија и шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав, државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, како и тим лидерот во спроведувањето на проектот, Доминик Ариано.
„Со активностите во рамките на проектот за првпат во администрацијата воведовме некои новини, кои значат голем чекор напред во исполнување на европските критериуми. Би ја посочил функционалната анализа како алатка која ќе помогне во изработката на систематизацијата на работните места во сите институции.“- рече Јахија.