„Превентивната функција е новиот лик и новиот имиџ на полицијата во демократските општества и претставува врв на полициските приоритети. Во основата на превентивното работење лежи потребата од дијалог на полициските службеници и граѓаните, со цел лоцирање и идентификување на безбедносните проблеми во локалната заедница и изградба на заеднички ефикасен систем за заштита од криминалот“. Ова, меѓудругото го рече началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски, на вчерашната работна средба по повод одбележувањето на 9 декември денот на превенцијата и денот на превентивното полициско работење.
Во своето пригодно обраќање, заменикот градоначалник Ангел Јанев рече дека концептот на превентивната работа значи спроведување на законот врз база на проекти и програми за соработка и дека локалната самоуправа во годинава била партнер на СВР Охрид во реализација на повеќе проектни програми со што и општината станува активен чинител во подобрувањето на безбедноста во градот.
Според портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски, превентивното работење е обид за градење на партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми и изнаоѓање на најдобри решенија со кои ќе се намали стапката на криминалитетот, ќе се спречат штетните последици по граѓаните и општеството а воедно ќе се подобри целокупната безбедносна состојба. Димоски наведе повеќе проекти на превентивен план што СВР Охрид самостојно ги има реализирано со локалната самоуправа, школските центри, Црвениот крст, невладините организации: Превенција од кражби на плажа , од моторни возила и паричници, зајакнување на капацитетот на полицијата и примена на концептот на работа со заедницата, проект за безбедни училишта“, проект за безбедност на вода спроведен со езерската полиција, охридската капетанија и Црвениот крст, проект против злоупотребата на визната либерализација, проект мојот пријател полицаец реализиран со детските градинки, проект Внимавајте на вашата безбедност реализиран со здружението на пензионери како и неколку проекти против насилството и малолетничката деликвенција.