До 2020 година на Република Македонија и се потребни околу 1,7 милијарда евра за проектите што моментно ги реализира и за оние кои се планирани, а за кои немаме обезбедено финансиски средства. За овој период од Европската унија ни стојат на располагање само шест проценти од потребните средства или околу 108 милиони евра, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во обраќањето на 10. Годишен состанок на транспортната опсерваторија на ЈИЕ – СЕЕТО.
Јанакиески потенцира дека сите проекти што ги реализира Македонија се на европските коридори, нагласувајќи дека како никогаш порано државата е фокусирана на подобрување на инфраструктурата на коридорите 8 и 10.
„Апелирам до нашите пријатели во ЕУ дека за земјите од регионот се потребни повеќе средства со цел да се намали јазот што постои меѓу потребните и расположивите средства, бидејќи инфраструктурата во државите што сме тука на состанокот е помалку изградена во однос на таа во земјите членки на ЕУ. Затоа ни треба поддршка со поголеми средства за поефикасна и подобра мрежа, а тоа ќе овозможи и развој на земјите“, рече Јанакиески.
Пред учесниците на конференцијата ги претстави приоритетните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, продолжување на изградбата на трите автопатишта Скопје – Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица, почеток на изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија за што се очекува во јануари да биде објавен повик за избор на градежна компанија, како и објавување концесија за делницата Гостивар – Кичево.
Жан Ерик Пакет, директор во Генералниот директорат за проширување на Европската унија, истакна дека ЕУ планира да ги прошири клучните европски коридори на територијата на Западен балкан.
„Предлагаме оние коридори кои излегуваат од мрежата на западен Балкан да бидат натаму проширени, а земјите-членки од западен Балкан да учествуваат во Коридорот 10. Кога ќе ја развивате вашата политика за транспорт треба да гледате во национален и регионален контекст, но и директно сте обврзани да погледнете и кон ЕУ,“ рече Пакет.
Министри и заменици-министри за транспорт од регионот и претставници на Европската комисија на состанокот дискутираат за прогресот на инфраструктурните проекти во западен Балкан за комплетирање на коридорите 8 и 10 и разменуваат искуства за изградбата на патиштата и железницата и за обезбедувањето финансии.
Виолета Булк, еврокомесар за транспорт, во видео обраќање, укажа дека земјите на западен Балкан треба да се одлучат дали е подобро изградба на нова инфраструктура или, пак, подобрување на постоечката, посочувајќи дека главниот фактор за успешност на транспортот е неговата сигурност и безбедност.
„Мора да се фокусираме на подобрување и на повторна изградба на постоечката инфраструктура на Балканот, наместо на градење скапа нова инфраструктура која што не мора да значи дека ќе ги исполни потребите“, рече комесарот за транспорт на ЕУ, Булк.
Според неа, западниот Балкан не смее да падне во стапицата за добивање лесни заеми кои во иднина во одреден момент ќе треба да бидат отплатени.
Состанокот на министрите за транспорт – транспортна опсерваторија на ЈИЕ претставува највисок транспортен форум за реализација на инфраструктурните проекти како дел од пошироката Трансевропска мрежа на транспортни коридори. Првиот состанок на СЕЕТО се одржа пред 10 години во Скопје.