Владина делегација на бизнис форум во Франкфурт

ретседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација во чиј состав се и заменик претседателот на Владата г-дин Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции г-дин Веле Самак, и директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони г-дин Виктор Мизо, вчера попладне (вторник, 09.12.2014 година), во Франкфурт, СР Германија, присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите за реализација на странски инвестиции и отворање на нови работни места.

На бизнис форумот присуствуваа претставници на 40 компании од областа на автомобилската индустрија, електрониката, информатичко – комуникациските технологии, и од други производствени и услужни дејности.

Премиерот Груевски во своето обраќање ги образложи владините мерки и политики кои обезбедуваат поддршка на компаниите, раст на нивната дејност со приоритетна цел за поттикнување на вработувањата и намалување на невработеноста. Тој ги образложи и погодностите за реализација на странски инвестиции, кои се огледаат преку нискиот данок на персонален доход и данок на добивка од само 10%, на едуцираната и квалификувана работна сила и на даночните олеснувања кои се обезбедуваат во технолошко – индустриските развојни зони.

„Ние сме Влада која е целосно концентрирана на економијата, на добрата бизнис клима и ги охрабруваме домашните и странските инвеститори да направат чекор во инвестирање и отворање на нови работни места. Нашиот втор најголем предизвик, освен смирување на односите со Грција околу членството во ЕУ и НАТО, ни е невработеноста. Кога стапивме на власт во 2006 година, невработеноста беше екстремно висока и изнесуваше 38%. Се уште е висока, но е намалена за 10%. Поминавме тежок период, глобална криза, Европска должничка криза, па во најголем дел од земјите во ЕУ и општо во Европа, невработеноста растеше. Во овој тежок период, во Македонија успеавме да ја намалиме невработеноста на околу 28%, што е успех во таков тежок период. Најважно е што Македонија е земја со најниски давачки за водење бизнис во Европа. Не само даноците, општо сите трошоци во земјата се најниски во Европа“, истакна премиерот Груевски пред присутните инвеститори.

Вицепремиерот Пешевски истакна дека организирањето на бизнис форум во Франкфурт, кој е еден од главните економски центри на Германија, е од значење за привлекување на нови странски инвеститори во нашата земја, особено доколку се земе предвид дека германските компании се компании кои имаат голем потенцијал за ширење на своето производство, а некои од нив веќе и инвестираат во Република Македонија. Тој во своето излагање се задржа на претставувањето на концептот на слободни зони за привлекување на инвестиции.

„Ја отворивме можноста не само за инвестиции во делот на производството, каде што Македонија е една од најатрактивните дестинации од аспект на трошоците, туку и во останатите услужни сектори бидејќи ние го продолжуваме развојот на овој концепт на слободни зони и во делот на информатичките технологии и во делот на туризмот и во делот на здравството. Мислам дека интересот беше задоволувачки, имаше доста прашања и за време на презентациите и по презентациите и веруваме дека со неколку од нив ќе оствариме директни посети во Македонија што, се разбира, е основа за поконкретни инвестиции понатаму“, истакна вицепремиерот Пешевски.

Присутните бизнисмени дадоа позитивни оценки за презентираните поволности. Тие истакнуваат дека со условите кои се овозможуваат се зголемуваат можностите компаниите сериозно да сметаат на Република Македонија во делот на правењето на анализи за ширење на капацитетите и за инвестирање.

„Даночните олеснувања и субвенциите кои се даваат за изградба на фабрики на странски инвеститори, се доста атрактивни и многу сме задоволни од бизнис условите кои ги нуди Република Македонија“, изјави Франк Микаелис, менаџер на компанијата „Аконплас“.

Инес Анра, бизнис партнер во компанијата „Аконплас“ истакна дека нејзината компанија сериозно размислува за инвестирање во нашата земја.

„Претставници од нашата компанија веќе беа во посета на Македонија во септември годинава. Веруваме во условите кои ги слушнавме на презентацијата и ги видовме на лице место. Погледнавме неколку фабрики кои се изградени од странски инвеститори. Патот не води кон Македонија и голема е веројатноста дека ќе отвориме своја фабрика, најпрво браунфилд, па потоа и гринфилд. Во јануари идната година планираме повторно да ја посетиме Македонија“, изјави Анра.

Присутните бизнисмени сметаат дека ваквиот начин на презентација во голема мера ги доближува можностите до потенцијалните инвеститори.

„И пред да дојдам, знаев дека Македонија има добра клима за инвестирање. Човек не може да шета по земјите и сам да се распрашува, но ги гледаме извештаите на компаниите кои инвестирале тука, ја гледаме искреноста зад поддршката која ја нуди вашата Влада. Затоа многу ми значи што дојдов тука и што добив информации“, изјави Хасан Кара од Стопанската комора во Франкфурт.

Министерот Самак во своето излагање пред присутните ги претстави компаративните предности за инвестирање во Република Македонија, задржувајќи се на можностите за инвестирање во автомобилската индустрија.

Директорот Мизо истакнувајќи ги поволностите во технолошко – индустриските зони, ја истакна подготвеноста на Дирекцијата за инфраструктурна и логистичка поддршка за реализација на потенцијалните инвеститори.

gruevski_frankfurt1_g222