На Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија денеска и беше врачен Сертификатот за функционалност на информациските системи, со што стана петтата институција во земјата која се здоби со ваков сертификат.
Тоа претставува чекор напред во модернизацијата и надградбата на целокупниот систем на оваа агенција, која секојдневно нуди услуги во интерес на граѓаните.
Министерот Ивановски сертификатот му го врачи на директорот на катастарот, Славче Трпески, притоа истакнувајќи дека сертификацијата се состои од голем број контроли, кои произлегуваат од светските стандарди, како што е серијата ISO 27000.
„Условите за добивање сертификат се состојат од неколку компоненти : технички барања, барања кои се однесуваат на кадар со чија помош се одржува информацискиот систем, барања за оценка и управување со ризици, барања за доверливост на информациите и нивоата на пристап до нив, како и барања за следење и управување на инциденти поврзани со информациска безбедност.“ – рече Ивановски.
Следен чекор е регистрирање на институцијата во системот за размена на податоци, по што Агенцијата за катастар на недвижности ќе може ефективно да користи системот и сервисите кои ги имаат изградено
„Очекувам во наредниот период да се сертифицираат системите и на други институции, со што ќе се овозможат услови за воведување на нови е-услуги. На тој начин, ќе можеме да го заокружиме процесот во овој домен и да создадеме еден севкупен институционален систем, кој ќе работи според највисоки стандарди од интерес за граѓаните.“– додаде министерот Ивановски.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески, се заблагодари за врачувањето на сертификатот и за поддршката што неговата институција ја добива континуирано од Министерството за информатичко општество и администрација.
„Агенцијата за катастар на недвижности е државна институција која има еден од технички најкомплексните информациски системи поставени на клауд платформа, чии податоци се заштитени со највисоки стандарди од ниво на пристап до информации до следење и строга контрола на информациската безбедност и заштита од ризици. Ова е признание за нашата институција која над 50 % од севкупните услуги што ги нудиме ги работиме по електронски пат, со тенденција да се поврземе со сите институции.“ рече Трпески.
Инаку, досега со ваков сертификат за функционалност на информацискиот систем се здобија Царинската Управа, Народната Банка на Република Македонија, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Фондот за здравствено осигурување.