Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација во чиј состав се и заменик претседателот на Владата, г-дин Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вчера попладне (среда, 10.12.2014 година), во Келн, СР Германија, присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите за реализација на странски инвестиции и отворање на нови работни места.
На бизнис форумот присуствуваа претставници на компании од областа на автомобилската индустрија, информатиката, енергетиката и од други дејности.
Премиерот Груевски ги елаборираше поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори, нискиот даночен пакет, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони, даночните ослободувања, и пристапот до поширокиот европски пазар.
Претседателот на Владата потенцирајќи дека имаме позитивно искуство со германските инвестиции во Република Македонија, истакна дека е веројатно до крајот на оваа година да биде објавена уште една нова инвестиција на германска компанија.
„Ние имаме добро искуство со германските компании. Во Македонија дојдоа „Дрекселмаер“ во Кавадарци. Тие планираа 4.100, а веќе имаат 4.900 вработувања. Дојдоа и „Кромберг и Шуберт“ со 2.500. Сега гради компанијата „Маркарт“ кај Велес фабрика за 600-700 директни вработувања. „ОДВ електрик“ во Охрид веќе почна со регрутирање на вработувања. Веќе во април, мај следната година планира да ја гради фабриката. Сега се во браунфилд во постоечка хала. Има и други и се надевам дека до крајот на оваа година ќе успееме да финишираме со една германска компанија, која што претходно ни најави влез, но се уште го нема објавено, па очекуваме да го објави влезот“, истакна Груевски.
Тој позитивно ги оцени бизнис форумите во Франкфурт и во Келн, на кои присуствуваа поголем број на германски бизнисмени.
„Ги кажавме сите потребни детали, беа доста задоволни. Имавме и поединечни средби со некои од нив. Некои од нив кажаа дека ќе дојдат во Македонија, со некои од нив претходно имаме воспоставено контакт и ова беше една дополнителна „инјекција“ со информации, со анализи кои што дополнително чувствуваме дека им даваат охрабрување да ја изберат Македонија како следна бизнис дестинација“, изјави премиерот Груевски.
Германските менаџери дадоа позитивна оценка за условите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, како и за отвореноста и пристапот кој се применува за презентација на поволностите и за привлекување на инвеститорите.
„Мене најголем впечаток ми остави тоа што видов дека и највисоките владини претставници од Република Македонија се отворени за пристап. Мислам дека ние, како интернационални инвеститори, како и советници на инвеститорите, тоа не го гледаме често. Владините претставници од Македонија доаѓаат во посета, отворени се и пријателски настроени во својот пристап. Освен тоа, ни ги претставуваат точно оние информации кои ни се потребни. Вечерва најмногу ме импресионираше јасниот пристап кој им беше претставен на сите, ги запознавме вистинските луѓе и ги добивме потребните информации од прва рака“, изјави Кристијан Конрад од ЛЛМ Компанијата.
„Мислам дека добрите услови за новите компании од Западна Европа кои сакаат да инвестираат во Југоисточна Европа се многу добри. Од работната сила, до инфраструктурата и отворениот пристап кон новите инвеститори е навистина импресивно за мене. Првпат ми се случува од самиот старт да имам добро чувство со луѓето кои сакаат да ги донесат инвеститорите во својата земја и да им обезбедат стабилност во производството. Од наша гледна точка, мислам дека во иднина може да имаме одлична соработка“, вели бизнисменот Торстен Валтер.
Директорот Виктор Мизо потенцираше дека една од најсилните компаративни предности за привлекување на инвестиции е фактот што германските инвеститори позитивно го ценат квалитетот на работната сила на Македонија.
Тоа неколку компании кои се присутни во Македонија, посебно „ОДВ електрик“, го потенцираа пред присутните на настанот во Келн.
„Германските компании кои се денеска присутни тука имаа и конкретни прашања за квалитетот на работната сила, затоа колку таа сила е едуцирана, бидејќи не е секогаш пресудно која е цената на работната сила, туку најважно е да се има ефикасна работна сила, која ќе може да го произведува видот на комплексен производ, кој се повеќе и повеќе компании одлучуваат да го произведат во Македонија за целиот европски пазар. Од таа гледна точка сметаме дека сме многу добро позиционирани да привлечеме нови инвеститори кои уште повеќе ќе го подобрат трговскиот биланс на Македонија со Германија“, изјави Мизо.