Стапија на сила новите правила за прецизно означување на храната во Европската унија кои од денес, ги обврзуваат македонските компании кои извезуваат на европскиот пазар, на декларациите јасно да го наведат потеклото, нутритивните табели, отстапките во нето тежината, особено алергените, и тоа со болдирани или букви означени во друга боја. Најновите измени на Европската унија во делот на означувањето на производите содржани се во регулативата 1169 од 2011 година, која претставува сублимат на досегашните засебни директиви со кои се регулираше оваа област. Новите правила за означување на храната се обврска за операторите за подигнување на нивото на информираност на потрошувачите. Со нив од означување се преминува на информирање за храната и тоа во сите три фази- означување, презентирање и нејзино рекламирање.
За информирање на операторите со храна за новините во означувањето во ЕУ, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Комората на северозападна Македонија, во текот на ноември и овој месец, организира осум работилници. Во тек е измена на Законот за безбедност на храна во кој ќе се инкорпорираат европските новини во означувањето на храната по што ќе се донесе и нов Правилник за означување кој детално ќе ја уреди оваа област.
Новите одредби од Законот кои се однесуваат на означувањето, за домашните производители ќе почнат да се применуваат од 01 јуни 2015 година.
Извор: Нет Прес