Делегација од Лескоец (Македонија) во Лесковац (Србија)

Минатиот викенд , десетина наставници од ОУ „Ванчо Николески” -Лескоец, заедно со нивни ученици , на покана од збратименото училиште “Светозар Марковиќ “ од Лесковац, Република Србија, учествуваа во свеченостите по повод нивниот јубилеј – 110 години од основањето на училиштето.

Десетината наши ученици -деветоодделенци од ОУ „Ванчо Николески” – Лескоец со своја сценско- балетска точка мотивирана од песната „Билјана платно белеше” и од стиховите на “Т’га за југ” успешно се претставија пред српската публика во исполнетата сала на Народното позориште во Лесковац.

Во рамките на оваа посета , директорот на ОУ “Ванчо Николески”, проф.Жаклина Трипунова, педагогот м-р Весна Терзиоска и наставникот по македонски јазик, проф. Димче Донески, учествуваа со свои предавања-презентации на меѓународната трибина посветена на Образовните системи, трендови и образовната пракса во Република Србија и Република Македонија. Покрај нашите реализатори кои зборуваа за “Oбразовниот систем во РМ”(Ж.Трипунова), за” Новите наставни програми и екстерното оценување” (В.Терзиоска) како и за “Mотивацијата на учениците за час и на час” (Д.Донески), – на предавањата , учествуваа и проф. Јовица Mаринковиќ, директор на ОУ “Светозар Марковиќ”, просветниот државен инспектор и советник проф. Марина Илиќ, началничката на Школската Управа на Србија и модераторот на трибината, проф.Зоран Илиќ од Учителското друштво од Лесковац – организатори на оваа меѓународна трибина, на која присуствуваа повеќе од 250 професори од цела Србија кои во делот за дискусија и дебата ја искажаа својата љубопитност за македонскиот образовен систем и образобвните трендови во пракса.

Вредно да се напомене е и тоа дека на овогодишната средба во Лесковац беше промовиран и “Зборникот на на драмски текстови за деца” каде меѓу триесетина драми на автори од Република Србија, објавен е и драмскиот текст “Побратимување на граница – на пат за Европа” чиј автор е проф. Димче Донески од училиштето во Лескоец , а преводот на српски јазик е од професорката Слободанка Панајотова од училиштето во Лесковац.

Ова беше трета заедничка средба на наставниците од двете збратимени училишта, а прва со настап на ученици што беше и видливо задоволство како за учениците, така и за нивните родители и за наставниците, за што сведочат и бројните впечатливи посети , средби , излети и дружења со своите домаќини и секако, бројните направени фотографии .

Во делегацијата учесник беше и претседателот на друштвото “Спасовден” од Лескоец ,г. Драгослав Петкоски, инаку, главен спонзор на патувањето , кој го искористи својот престој за остварување на поблиски контакти со фолклорни друштва и групи кои изразија желба да учество и настап на фестивалот “ Спасовден 2015” со изведба на стари изворни македонски песни.

Ефектите од заедничките проекти на двете збратимени училишта од Лескоец и Лесковац се видливи и нивниот тренд на успешност расте и се проширува со новите договори околу средбата во Охрид која ќе се реализира во мај 2015 година.

WebOhrid