Охрид блесна во предновогодишен сјај, и според начинот на украсување истиот годинава е рамо до рамо со познатите светски метрополи.
Светлечките реквизити поставени на плоштадот „Св. Климент Охридски“, кејот „Македонија“ и чаршијата се во единствена бела боја, а украсувањето е надополнето и со стари и репарирани новогодишни реквизити ѕвезди, петокраки, двојни петокраки, украсни и светлечки црева.
Новогодишната елка се очекува да биде поставена во текот на утрешниот работен ден со што би се заокружил процесот на разубавување и китење на центарот од градов.
Во следните работни денови ќе бидат украсени и периферните делови на Охрид.
Акцијата за поставување на светлечките реквизити и новогодишното разубавување на Охрид започна пред околу една работна седмица и согласно планираната динамика и темпо на работа се очекува да заврши во следните два до три работни дена.
Стручните служби од општина Охрид велат дека охриѓани и посетителите на градот за претстојните Новогодишни и божиќни празници повторно ќе можат да уживаат во празничниот амбиент.