„Го славиме јубилејот“ е насловен симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој се одржа синоќа во Македонската опера и балет …
Концертот е централниот настан со кој беше заокружено одбележувањето на 70- годинишнината од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава.
Оркестарот на Македонската филхармонија настапи под палката на рускиот диригент Дмитри Лис, кој се смета за еден од најдобрите диригенти во Европа од неговата генерација, а како солист настапи виртуозот на пијано, Русинот Борис Березовски, кој критиката го вбројува меѓу најмоќните пијанисти на денешницата.
Публиката имаше можност да слушне две дела од великанот на руската музика, Петар Илич Чајковски – Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во b-moll, кој се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на рускиот композитор, туку воопшто во класичната музика, како и неговата романтична Петта симфонија во e-moll, која е опишана како филозофски автопортрет.
„Вечерашниов концерт е убав повод да се осврнеме на континуираниот растеж на Македонската филхармонија која е длабоко втемелена во суштината на нашата национална култура, таа е доказ дека Република Македонија од секогаш поседувала вистински културни вредности кои го одразуваат нејзиниот идентитет. Во изминатите 70 години Македонската филхармонија го градеше дигнитетот и достоинството на македонската уметност, докажувајќи дека во Македонија постои неверојатно богат креативен потенцијал, кој е наш личен печат за идентификација во светот“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска пред почетокот на концертот.
Македонската филхармонија денеска, рече таа, е синоним за вистинските вредности во македонската култура и токму затоа, во изминатиот период, Владата и Министерството за култура спроведоа низа мерки со кои настојувавме да ги стимулираме уметниците и да ги подобриме условите за работа на институцијата.
„Оркестарот на Македонската филхармонија беше подмладен со нов уметнички кадар, континуирано се реализираа голем број на вработувања, а исто така беше направен и сериозен исчекор во валоризацијата на уметничкиот труд. Сепак можеби најексплицитната поддршка која е еден вид на благодарност од сите нас за придонесот на Македонската филхармонија во развојот на македонската култура е изградбата на новата сала за филхармонискиот оркестар, која наскоро ќе биде готова и во која верувам дека секој член од оркестарот на оваа наша институција сонува да музицира,“ рече министерката за култура.
Заблагодарувајќи им се на сите членови на Македонската филхармонија за нивниот придонес во создавањето на трајните вредности на македонската култура, таа истакна дека сето она што тие го направиле обврзува заеднички да се продолжи со збогатување на културниот мозаик на нашата држава.
„Јас сум убедена дека и во иднина ќе ја продолжите својата мисија, да ја промовирате и афирмирате македонската култура и уметност и да освоите уште многу нови музички предизвици,“ потенцира Канческа-Милевска.
Македонската филхармонија концертната 2014 година ќе ја заврши со уште два значајни настана. На 21 декември (недела) во Универзалната сала во 12 часот, ќе го одржи традиционалниот Новогодишен симфониски концерт за најмладите, кој ќе донесе убава музика и возбудлива приказна.
На 24 декември, пак, во Македонскиот народен театар во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи празничен џез-концерт со дел од најпознатите џез-нумери аранжирани за оркестар.
Новата, 2015 година, Македонската филхармонија ќе ја започне на 7 јануари, со пладневен концерт во духот на најголемиот христијански празник, Божик.