Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО–ДПМНЕ, во која стои:
„Општинскиот огранок на СДСМ од Охрид, очигледно понесени од еуфоријата што нивниот претседател ги удостои со неговото присуство, заборавиле да го прашаат што тој видел на пат кон Охрид.
Но еве ние во негово име ќе им го пренесеме одговорот на тоа прашање.
На пат кон Охрид, нивниот лидер ја видел изградбата на автопатската делница која ги поврзува Охрид и Кичево, а на самиот влез во градот го забележал новиот лик, како што доликува за едно туристичко место. На пат кон Струга, ја забележал Технолошко развојната зона – Струга, во која ќе никнат индустриски капацитети и ќе вработат илјадници жители од охридско – струшкиот регион. Исто така ја забележал и инвестицијата на ODW – електрик, која од дена на ден го зголемува бројот на вработени. Поминувајќи од населбата Лескајца, видел градежни зафати за нова фекална канализација, проширување на уличното светло како и уреден простор со детски реквизити во чиј склоп има и спортско игралиште. Шетајќи низ охридската чаршија ја забележал преубавата предпразнична атмосфера. Убавите тезги за продавање новогодишни реквизити, преубаво украсената чаршија и градски плоштад. Одејќи кон стариот дел на градот застанал да се воодушеви на преубаво уредениот простор на местото на старата библиотека – новиот плоштад. Исто така ги забележал и преубаво уредените паркови во центарот на градот и новиот ултрамодерен фудбалски терен на вештачка трева изграден по светски стандарди. Чекорејќи по ново асфалтираните улици ги коментирал бројните проекти, мерки и реформи кои ги спровела Локалната самоуправа, а се од корист на граѓаните. На заминување од Охрид кажал дека наредниот пат кога ќе дојде, ќе го пречекале нови кружни текови, реконструирани плоштади, новоизградени плоштади, пешачки патеки, кеј и многу други проекти чија реализација е во тек.
Ете господа од СДСМ, ова е тоа што Локалната власт предводена од ВМРО–ДПМНЕ го има направено и што во иднина ќе го прави, иако наследи безизлезна ситуација, наследи Локална самоуправа која пропаѓаше во бунар без дно.
А бројките, односно зголемената разлика помеѓу двата изборни циклуси е само доказ дека вербата во Локалната самоуправа предводена од ВМРО–ДПМНЕ и во реализирањето на проектите константно се зголемува.“- стои во реакцијата.