Обраќање по повод формирањето на Алумни асоцијација на добитници на признанието „Инженерски прстен“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се обрати на формирањето на Алумни асоцијацијата на добитници на признанието „Инженерски прстен”, кое што се одржа на Технолошко Металуршкиот Факултет во Скопје.

Претседателот Иванов, на добитниците на признанието „Инженерски прстен”, им порача дека ваквото признание е одговорност за нудење нови решенија, и им посака Алумни асоцијацијата да биде уште еден субјект кој што ќе дава значаен придонес за севкупниот живот, затоа што инженери се потребни во сите струки и области.

„Преку тоа што сте го добиле како признание, сте ја презеле одговорноста да нудите решенија, да бидете креативни и иновативни и да дадете свој придонес во овој возбудлив свет во кој живееме. Во текот на целиот живот ќе бидете соочени со предизвици и нудење решенија, понудете и го тоа и на вашата држава, Република Македонија. Живееме во свет во кој што се чувствува отсуство на идеи и решенија, ни требаат нови идеи, нови решенија, луѓе кои што со отворен ум ќе дадат придонес во севкупниот живот”, рече претседателот Иванов.

По повод 55-годишнината од основањето на Технолошко Металуршкиот Факултет, на претседателот Иванов му беше доделено пригодно признание.