Со несовесно работење и измами овозможени земјоделски субвенции од 4.282.395 денари

НК за КР Гевгелија до ОЈО Велес поднесе кривични пријави против 16 физички лица, од кои осумина вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и против пет правни лица, а поради постоење основано сомнение дека ги сториле кривичните дела : “несовесно работење во службата “ по член 353-в, “злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 3 а в.в. член 45 (за вработените во МЗШВ), како и кривичното дело “измама при добивање кредит или друга погодност“ по член 249 од Кривичниот Законик на РМ (останатите физички лица заедно со правните лица). Притоа констатирано е дека пријавените со овие дејствија го оштетиле Буџетот на РМ за 4.282.395 денари.

Кривично пријавени се М.Б. (42) Од Скопје, поранешен раководител на Секторот за регистрирање и управување со земјоделско земјиште при Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство – Скопје, Ѓ.Д. (52) од Скопје актуелен раководител на посочениот Секторот, М.В. (35) од Негорци, раководител во ПЕ Гевгелија при МЗШВ и Претседател на Комисија за воведување во владение на земјоделско земјиште при ПЕ Гевгелија во МЗШВ, П.К. (50) и Ј.С (39) од Гевгелија, службени лица во ПЕ Гевгелија и членови на Комисија за воведување во владение на земјоделско земјиште при ПЕ Гевгелија во МЗШВ, Г.М. (30) од Валандово, соработник во МЗШВ – ПЕ Валандово, Е.Г. (26) од Валандово, волонтер со овластување во МЗШВ -ПЕ Валандово, М.Д. (48) од Валандово, референт во МЗШВ –ПЕ Валандово. Крвично се пријавени и правните лица: Друштвото за производство, трговија и услуги “Агро Проџект Вељанови Дооел“ од Дојран, како и друштвата за земјоделско производство, трговија и услуги – “Дедема Плус Дооел Скопје“ од Скопје, “АГРО ЛЕЗЕТ ДОО увоз-извоз Нов Дојран“ и “НОРМ АГРО ДОО увоз-извоз Нов Дојран“ двете од Дојран, и “АГРО ПРОЏЕК РАМАКА дооел увоз-извоз Гевгелија“ од Гевгелија. Исто така со кривичната пријава се опфатени лица поврзани со физичките лица: З.Д. (31) од Скопје, Управител на правното лице ДЗПТУ Дедема Плус Дооел Скопје, С.В. (45) од Скопје, управител на правното лице ДПТУ Агро Проџект Велјанови Дооел, М.В. (21) од Скопје, Р.В. (23) од Скопје, управител на правното лице АГРО ПРОЏЕК РАМАКА Дооел Гевгелија, Т.В. (48) од Скопје, Г.С. (36) од Скопје и турските државјани Х.Л.Д. (52) од Истанбул управител на правно лице АГРО ЛЕЗЕТ ДОО, Н.Ш. (50) од Истанбул -управител на правно лице НОРМ АГРО ДОО.

Според документираните сознанија на истрагата пријавените вработени во МЗШВ во перидот од октомври 2010 година наваму несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности. Имено наместо, согласно законите, поведување претходно легална правна постапка –тужбено барање за решавање и симнување на реалниот товар – за подигнати долгогодишни лозови и овошни насади сопственост на ТДПП Агро Лозар АД Богданци а посеани на земјоделско земјиште на катастарски парцели дадени преку МЗШВ по основ на Договор за долгорочен закуп на државно земјоделско земјиште од 2001 година со право на користење на ТДПП Агро Лозар АД Богданци, преку Изјава за раскинување на Договорот за долгорочен закуп на земјоделско земјиште 2011 година еднострано бил раскинат посочениот Договор. А за предметното земјиште во површина од над 510 хектари преку јавни огласи биле склучени 19 договори за долгорочен закуп, спротивно на член 22 став 2 од Закон за земјоделско земјиште во кој е регулиран начинот на објавување и содржината на огласот

На тој начин несовесно, злоупотребувајќи ги своите службени овластувања и должности пријавените им овозможиле на 19 нови закупци да склучат Договори за закуп врз основа на што, пак, пет правни лица и осум физички лица доставиле Барање до националниот регистар за лозови насади за упис на лозовиот насад подигнат од претходно, пред склучувањето на договорите и тоа од страна на ТДПП Агро Лозар АД Богданци, каде што насадите и се водат како основни средства. Врз основа на така добиените потврди како и склучените Договори за закуп и Записници за воведување во владение, им било овозможено на закупците на земјоделско земјиште да аплицираат и добијат субвенции во вкупен износ од 4.282.395 денари, односно да се стекнат со противправна имотна косристна штета на Буџетот на РМ и тоа за одржување на лозов насад за 2012 и 2013 година, иако тој лозов насад е подигнат 1991 и 1996 година, што значи пред склучувањето на договорите.