Изложбата „Археолошка Македонија 2014“ е скапоцена ретроспективна збирка која со својата квaлитативна суштина и визуелниот раскош на експонатите, на најдобар начин го потврдува креативниот континуитет, цивилизациските придобивки и творечките дострели …
Илјада вредни артефакти откриени во текот на годинава од страна на археолозите и другите стручни екипи на 11 археолошки локалитети, се претставени на 8-та Изложба на археолошки пронајдоци, што беше отворена вечерва во новиот Археолошки музеј на Македонија.
Изложените артефакти се пронајдени на локалитетите Скупи, Стибера, Хераклеја, Стоби, Баргала, Цареви Кули, Маркови Кули на Водно, Старо Бонче, Акрополата на Висока, античката Билазора и Градиште кај Младо Нагоричане. Дел од колекцијата на оваа ексклузивна поставка се двата штита од 3 век п.н.е., повеќе од 400 вредни монети на македонските кралеви, репрезентативна садова керамика и наодот на сребрена монета на кралот Александар Македонски, златниот средновен прстен декориран со фигура на владетелски орел, како и многу други експонати, кои се силна рефлексија на археолошкото богатство кое го поседува Република Македонија.
„Изложбата „Археолошка Македонија 2014“ е скапоцена ретроспективна збирка која со својата квaлитативна суштина и визуелниот раскош на експонатите, на најдобар начин го потврдува креативниот континуитет, цивилизациските придобивки и творечките дострели на предците од далечните столетија на нашата историја“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Артефактите, укажа, несомнено го поткрепуваат и го потврдуваат идентитетот на македонската историја и се несоборлив доказ за нашето траење во историјата, доказ за наследството создавано низ милениумите.
„Археолошкото богатство кое го поседуваме е обврска која се поставува пред сите нас, да го истражиме, сочуваме и достојно презентираме нашето културно наследство“, наведе Канческа Милевска.
Во изминатите години, додаде, активно се насочивме кон ревитализација на културното наследство, кон истражување на културните слоеви на голем број археолошки локалитети, на кои во изминатите 8 години пронајдовме преку 500.000 артефакти. Пред македонската и светската јавност презентиравме преку 30.000 примероци, многу артефакти од злато, сребро, бронза, килибар, стакло, од праисторијата, антиката и средниот век.
„Сите овие непобитни факти и аритметичката прогресија со која расте нивниот број говорат за носечката улога на Македонија во историското созревање на Европа но, говорат и за интензивното вложување во оваа област, која е препознатлива димензија на нашите вредности“, рече министерката за култура.
На отворањето на изложбата присуствуваа археолози и стручни археолошки екипи, како и раководствата на Управата за заштита на културно наследство и на Археолошкиот музеј на Македонија. Беше посочено дека во рамките на Археолошкиот музеј ќе биде отворена и сувенирница.