Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова заедно со синот Иван, денеска ја посетија Клиниката за детски болести во Скопје и им подарија новогодишни пакетчиња на болните деца.
Директорка на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова се заблагодари и истакна дека првата дама на државата е пријател на Клиниката и дека го заокружила овој последен ден од годината со мало внимание кое вратило многу насмевки.
„Со една позитивна мисла и енергија, со едно мало внимание и со поздравување со рака, на сите дечиња кои ќе останат на Клиниката им се врати насмевката. Верувам дека нашата соработка ќе продолжи и идната година, “посочи Софијанова.
Иван Иванов рече дека им посакува на децата што побрзо да се вратат во своите домови и да ги исполнат со нивните безгрижни детски насмевки.
„Би сакал на сите дечиња и на сите семејства да им посакам среќни новогодишни и божикни празници со најискрени желби за многу здравје, среќа, успеси, љубов, бериќет и само позитивни мисли во Новата 2015 година, “додаде Иванова.
Заради лекување, 80 деца од кои најголем број се на Онколошкиот оддел, заедно со своите мајки новогодишната ноќ ќе ја поминат на Детската клиника.