Македонската футсал репрезентација беше поразена во финалето од репрезентацијата на Полска со 3:2. Вината за поразот треба да ја бараме кај нас бидејќи пропуштивме многу шанси кои не ги искористивме уште во првиот дел.
Натпреварот започна со целосна доминација на нашиот тим. Дарко Ранготов уште во првата минута со силен шут ја погоди пречката и не успеа да го совлада одличниот голман на полската репрезентација Бартломиеј Наврат кој го имаше 100от јубилеен настап за полската репрезентација. Шанси имаа и Левески, Глигоров, Тодоровски, но полскиот голман одбрани сè. Во 9та минута од натпреварот по една нафрлена топка пред нашиот гол Дарко Ранготов неспретно ја исфрли топката со рака, па судиите без двоумење досудија пенал за полската репрезентација па поведоа со 1:0 со голот на Артур Поплавски. До крајот на првиот дел Македонија беше таа што доминираше и ја имаше целосната иницијатава, но сепак пољаците со многу среќа и одлични одбрани на нивниот најдобар поединец Наврат успеаа да заминат на полувреме со минимална предност.
Второто полувреме повторно ние доминиравме на теренот. Мартин Тодоровски беше играчот кој го израмни резултат по 5 мин. игра во второто полувреме. Во 36та минута од натпреварот судиската двојка од Полска јасно даде до знаење дека полската репрезентација мора да победи на овој пријателски финален натпревар. По еден сомнителен прекршок кој го направи Зоран Левески, му додели втор жолт односно црвен картон на нашиот капитен, па така нашиот тим беше приморан да игра со еден играч помалку две минути. Павел Будниак беше играчот од полскиот тим кој донесе водство на Полска од 2:1 на 3 минути пред крајот на натпреварот. Резултатски се вративме многу брзо, уште во истата минута Игор Леовски го израмни резултатот на 2:2. Македонската репрезентација последните минути ги играше внимателно, имавме иницијатива, топката беше во наш посед. Игравме внимателно за да не направиме 6ти фаул, кој би донел лесен гол за пољаците. Но тука беше судиската двојка која им го додели и овој подарок на полската репрезентација. Поради приговор кон судиите за овој прекршок, нашиот селектор доби црвен картон. Последната минута Тодоровски имаше одлична шанса да израмни, но биеше само во стативата на противничкиот гол. На 30 секунди до крајот судиите не видоа игра со рака на еден од полските играчи, и не ни досудија чист пенал.
Македонската репрезентација на овој турнир го освои второто место, но покажа дека има квалитет за предстојните квалификации за ЕП кои ќе се одиграат во месец март во Скопје.