Писмо со сочувство до Претседателот на Француската Република, Франсоа Оланд

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

„Почитуван господине Претседателе,

Со шокираност, длабока тага и со чувство на огорченост ја примив веста за масакрот во Париз и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички чин. Нападите против „Шарли Ебдо” претставуваат и ги доживуваме како напад на демократијата, како напад против принципите и слободата на мислата и на говорот.

Господине Претседателе, овој грозоморен чин спроведен од поединците со затворени умови, чија цел е сеење страв и чувство на несигурност, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки на целиот демократски свет. Република Македонија силно ги поддржува глобалните напори за борба против тероризмот, и како и досега така и во иднина е подготвена да соработува со демократскиот свет во соочувањето со оваа закана како едно од најголемите зла на денешницата.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со граѓаните на Франција.“– се вели во писмото.