Владиниот тим на средби со менаџментите на компаниите ОПГ Груп и БРГ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски во рамките на својата посета на Република Индија, во градовите Калкута и Ченаи, оствари повеќе поединечни средби со претставници на компании на кои ги престави можностите за инвестирање кои се нудат во Република Македонија. Тој се сретна со менаџментот на компанијата ОПГ Груп која се занимава со изградба на термоцентрали и производство на електрична енергија, произведува околу 800 мегавати годишно и има свои објекти низ цела Индија. Компанијата котира на Лондонската берза и има проценета вредност од една милијарда евра.

Премиерот Груевски ги објасни условите за водење на бизнис во Република Македонија и добрата бизнис клима која треба да ја искористат инвеститорите. Тој истакна дека државата го поседува најповолниот даночен пакет, пристап до 650 милионскиот пазар на Европа и слободни економски зони кои се развиваат.

„Имавме средба со крупна компанија која вреди над една милијарда евра која котира на Лондонската берза и која е во бизнисот за производство на електрична енергија од јаглен. Тие имаат интерес да инвестираат во Македонија. Сега сме во почетни разговори. Ќе дојдат да направат анализи, така што и тоа е една голема можност“, изјави премиерот Груевски.

Оперативниот директор на ОПГ Груп, Арвинт Гупта, истакна позитивна оценка за поволностите кои ги обезбедува нашата земја и активностите на Владата за промоција на истите.

„Ние како ОПГ сме заинтересирани да инвестираме во Македонија и да изградиме големи термоцентрали. Ние се интересираме за изградба на термални централи и соларни централи во Македонија и нашата компанија е длабоко навлезена во овој бизнис во Индија. Владата ги прави најдобрите можни напори, атмосферата која ја креира овозможувајќи лесно да се води бизнис во Македонија и помагајќи ги стопанствениците да ги развиваат нивните бизнис иницијативи се многу позитивни чекори, особено овозможувајќи режим на ниски даноци и убеден сум дека многу други поради ова би правеле бизнис и би лоцирале капацитети во Македонија,“ изјави Гупта.

Финансискиот директор на ОПГ Груп, Нарајан Сами ги изрази интересите на својата компанија за инвестиции.

„Управуваме со многу електрични централи во Индија. Ние сме заинтересирани за поставување на термоцентрали во Македонија и тоа е нешто за што дискутираме со Владата на Македонија. Ангажирањето на премиерот и неговата лична вклученост за привлекување на инвестиции во Македонија е многу очигледна денеска и искреноста на целиот тим е забележлива. Мислам дека Македонија е екстремно атрактивна за инвестирање поради пристапноста до европскиот пазар, царинските олеснувања и логистика, како и фактот што трошоците за производство се ниски во Македонија и што Владата има отворен и пријателски однос спрема индустријата“, изјави Сами.

ОПГ Груп е компанија која е пионер во бизнисот со изградба и работа на електрични и термоцентрали во Индија.

Премиерот Груевски во Калкута ја посети компанијата БРГ и оствари средба со нејзиниот менаџмент. Оваа фирма е од сферата на металната и дизајнерската индустрија, со главен фокус за изработка на метални производи за кујни за домаќинствата. Компанијата има 15 илјади вработени во повеќе свои капацитети низ светот, и има капитал проценет на 980 милиони долари. Менаџментот на оваа компанија се интересираше за условите за водење бизнис во Република Македонија разгледувајќи ја можноста за отпочнување на свој бизнис и производство во државата.

Се сретнавме со компанија од областа на металната индустрија, а покрај изработката на метални профили тие имаат и фабрика за изработка на различни метални производи за кујни, така што разговаравме за можноста да инвестираат во Македонија да отворат свој капацитет за европскиот пазар од каде што ќе произведуваат и извезуваат низ цела Европа. Со нив ќе имаме уште средби и ќе разговараме за повеќе детали, изјави премиерот Груевски.

Извршниот директор на БРГ, Санџај Реј Бандари истакна дека неговата компанија сериозно размислува за инвестирање во Македонија.

„Ние сериозно размислуваме да сместиме неколку производствени погони во Македонија. За таа цел ние сме во блиски разговори за остварување на една браунфилд инвестиција во Македонија и во неколкуте наредни месеци ние би требало да финишираме со разговорите. Во однос на натамошни планови, со активна поддршка и помош на Владата планираме да инвестираме во други погони во Македонија, така што имаме поголем план да започнеме бизнис со производство. Ние сметаме дека Македонија е многу соодветна земја за инвестирање во индустриско производство и мислиме дека е соодветна локација која треба да се искористи како порта кон балканскиот и европскиот пазар, и источно европскиот пазар. Поради договорите за слободна трговија со европските држави се создава добра бизнис логика да се произведува во Македонија и да се произведува за различните држави во Европа“, изјави Бандари.

sredba_g