Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, Н.Е. г. Димитрис Јанакакис.
Претседателот Иванов на амбасадорот Јанакакис му посака добредојде и успех во вршењето на функцијата и воедно изрази уверување дека со неговиот ангажман ќе придонесе во натамошното унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот на министерско ниво и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба.
„Неопходно е да ги збогатуваме и да внесуваме нова содржина во билатералната соработка, која недвосмислено помага во создавањето на позитивен амбиент. Истото се однесува и на позитивниот тренд во политичкиот дијалог кој во наредниот период треба да го одржуваме и збогатуваме на сите нивоа”, истакна на средбата претседателот Иванов.
Во тој контекст, македонскиот претседател ја истакна потребата од продлабочувањето на економската соработка и усогласување и унапредување на правната рамка, како и потребата за натамошно инфраструктурно и енергетско поврзување, ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини.
Двајцата соговорници разменија мислење за можни проекти, чија реализација преку билатералната или регионалната соработка, би биле од интерес на нашиот регион.