Лазаревска: Локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ не може да одговори на основните потреби и барања на граѓаните на Охрид

ОО на СДСМ Охрид денес одржа прес-конференција, на која зборуваше  советничаката во Советот на Општина Охрид, Жаклина Лазаревска.

„Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ постојано изјавуваат дека општинската администрација во Охрид е неефикасна и пренатрупана а сепак континуирано вработуваат нови партиски војници.

Токму за време на новогодишните и божиќните празници течеше рок за пријавување на конкурс за 10 нови вработувања во општинската администрација во Охрид.

ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески не реализираа ниту еден од ветените капитални проекти за Охрид, а немаат ниту капацитет да организираат ефикасна и професионална општинска администрација.

Локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ не може да одговори на основните потреби и барања на граѓаните на Охрид.

Според информациите со коишто располагаме, во општина Охрид има луѓе кои повеќе од една година незаконски раководат со сектори и одделенија без регулиран статус на државни службеници.“ – рече Лазаревска и додаде:

„Дел пак од советниците на ВМРО-ДПМНЕ раководат со одредени општински служби. Истите тие луѓе кои учествуваат во донесувањето на одлуките на Советот на општина Охрид се инволвирани и во нивното извршување.

Ова не само што е пример за класичен конфликт на интереси туку е и спротивно на законите.

Зошто Бакрачески не ги користи постоечките кадровски потенцијали во општината и јавните претпријатија туку само ја оптеретува општинската каса со непотребни нови вработувања на партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ?

Да напоменеме дека во новиот буџет за 2015 на конто плати за администрација има зголемување за 13 200 000 денари.

Самоволното и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески е штетно за општината и граѓаните на Охрид.“– додаде Лазаревска.