Со хуманитарен концерт утре започнува програмата за Богојавление – Водици

Утре започнува официјалната празнична програма што по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици ја организираат општина Охрид и здружението за афирмација на Македонската православна црква „Богојавление“.

Годинава празничната програма ќе се реализира во пет дена. Утревечер со почеток во 19:00 часот во Центарот за Култура „Григор Прличев“ целовечерен концерт ќе одржат Културно уметничките друштва: „Гердан“, „Илинден“, „Охриѓанка“, „Плетенка“, „Филиграни“ и „Отекс“.

Концертот има хуманитарен карактер односно во рамки на своите можности охриѓани и гостите може на пунктовите од Црвен Крст- Охрид кои ќе бидат поставени пред влезните врати на Центарот за култура да донираат одредени парични средства кои ќе биде наменет за добротворни цели.

Влезот за концертот е слободен и во негови рамки играорците ќе ги одиграат познатите охридски сплетови.