ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ денес се удави во жив песок

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид,  реакција испрати и ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која стои:

„СДСМ –Охрид денес се удави во жив песок и потсети на уште едно од многуте незаконски дела што ги правеше во Охрид.

По личните видувања и коментари изнесени на денешната прес- конференција, охридските социјалдемократи заборавија да кажат дека во периодот пред и за време на минатите локални избори со сомнителни договори за вработување преку ноќ во општина Охрид работно ангажираа околу 300 партиски лица, заради што веќе одговараат и пред надлежните државни органи.

Социјалдемократите заборавија да кажат дека ги оставија на улица и не им ги исплатија заработените плати на лицата кои работно ги ангажираа во градинките и училиштата, а кои денес ги исплатува раководството на ВМРО-ДПМНЕ .

Денес , СДСМ си дозволи да го критикува легалниот начин на вработување во општина Охрид кој го воспостави раководството на ВМРО-ДПМНЕ со што по долги години општината ги отвори вратите за стручни и компетентни лица кои треба да ги минат правните и законски постапки до евентуално вработување а заборави да каже дека во нивно време на незаконски начин по основ на роднини и пријатели се вработуваа луѓе кои беа плаќани од општинскиот буџет за недоаѓање на работа.

Се што вети локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од градоначалникот Никола Бакрачески ќе реализира во својот мандат.

За тоа време социјалдемократите да одговорат колку капитални проекти реализираа за 8 години власт во Охрид? Колку улици, патишта, и образовни институции реконструираа или изградија ? и колку фабрики и нови работни места отворија во Охрид?

Денешните испади на СДСМ –Охрид за “Мауцкер“ се уште една нивна голема лага. Охриѓани занаат дека дивата депонија кај “ Мауцкер “ е дело на СДСМ чии директори за да покажат наводна ефикасност во работата на нелегален начин депонираа отпад во овој дел од Охрид.“- се вели во реакцијата.