Општина: За разлика од СДСМ сегашната локална власт објавува огласи за вработување на лица кои се стручни

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Општина Охрид согласно законската процедура, по буџетирани средства, објави оглас за вработување на десет државни службеници во општина Охрид. Се работи за јавни огласи кои соодветствуваат на направената систематизација на работните места.

За разлика од СДСМ која распишуваше огласи за конкретни лица најчесто од матичната партија , сегашната локална власт објавува огласи за вработување на лица кои се стручни, компетентни и можат да допринесат во креирањето на подобра иднина за Охрид. Тоа значи дека по спроведување на целокупната законска процедура за вработување и исполнување на конкретни услови, најчесто бројот на објавени огласи не се поклопува со бројот на идните вработени лица.

До моментот на доделување соодветни решенија за вработување општина Охрид нема да шпекулира со бројот на вработени или со нивните политички ориентации и ги замолува охридските социјал- демократи да се воздржат од своите испади на оваа тема.

Најодговорно тврдиме дека во Локалната самоуправа ќе има место единствено само за оние лица кои низ законска постапка ќе ги покажат личните квалитети и способности за конкретното работно место без притоа изборот да биде поврзан со бројот на извршители баран на огласот.

Почитувани од СДСМ, тоа практично значи дека во општина Охрид ќе бидат ангажирани најдобрите и најстручни кадри и дека во време на сегашната локална власт во општината, огласи не се објавуваат по име и презиме . Како што многупати досега е кажано, разлика меѓу сегашната и претходната локална власт е огромна и евидентна , и тоа што денес СДСМ го изнесе е симбол и одлика на нивното време.

Времето на СДСМ се одликуваше со нелегални вработувања пред или за време на политички избори кога оваа партија работно ангажираше огромен број на луѓе и притоа не им ги исплаќаше заработените плати. Актуелната локална власт, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески навреме без никакво задоцнување во континуитет врши исплата на соодветниот паричен надомест. Притоа потенцираме дека сегашното раководство веќе почна да ги исплаќа и работно ангажираните лица во воспитно –образовните институции кои биле ангажирани во времето на СДСМ а за вредната работа не добиле никаков паричен надомест од претходната локална власт.

И покрај тоа што СДСМ- Охрид и остави на општината многу правни лавиринти и финансиски “провалии“, Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески согласно законските рамки работат на ветените капитални проекти кои со сигурност ќе бидат реализирани во време на неговиот мандат.

Што се однесува до неколку дневните испади на СДСМ за депонијата кај “Мауцкер“, општина Охрид уште еднаш укажува на фактот дека дивата депонија на овој локалитет е создадена за време на владеењето на социјал- демократите во Охрид, а доволна потврда за тоа се постоечките валидни документи, констатациите и преземените законски дејствија од надлежните инспекциски служби за еколошката катастрофа која СДСМ ја направи на овој простор.

За испадите на СДСМ –Охрид во однос на работата на сегашното раководство на ЈП “Охридски комуналец“, општина Охрид истите не ги сфаќа сериозно затоа што СДСМ е единствениот виновник кој претпријатието го остави со долг од над 50 милиони денари.“- стои во реакцијата на Општина Охрид.