Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот според програмските активности за 2015 година од месец јануари започнува со промовирање на туристичките потенцијали на Македонија и привлекување на потенцијални туристи со учество на интернационалните саеми за туризам.
Со нов модерен штанд кој ги истакнува главните туристички капацитети и промовирање на туристичката понуда, четврта година по ред Македонија учествува на саемот за туризам во Утрехт, Холандија од 13-18ти Јануари, 2015. Саемот за туризам во Утрехт, “Vakantiebeurs” е место за повеќе од 1.400 егзибитори од целиот свет и повеќе од 100.000 посетители за пет дена.
Претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го доближуваат туристичкиот производ од Македонија добро познат на холандските туристи, кои традиционално доаѓаат во посета на Охрид и околината за езерски, културен и вински туризам. Првиот ден на саемот кој е отворен за бизнис средби беа остварени контакти со туристички работници и професионалци, како и со новинари и медиуми заинтересирани за информативни патувања во Македонија. Македонскиот штанд беше посетен од амбасадорот на Р.Македонија во Кралството Холандија,Игор Попов и економскиот промотор, Ведат Рушид со кој имаме одлична соработка во промовирање на земјава на холандскиот туристички пазар.
„Од моментот кога обрнавме сериозно внимание на холандскиот пазар и настапивме со агресивна кампања и имаме квалитетно и редовно присуство на холандскиот пазар забележан е вкупен раст од над 550% на туристи од Холандија, што е доказ дека мерката субвенционирање на туризмот како и инвестирањето во маркетинг се исплатливи за Македонија. Ние очекуваме овој тренд на пораст на туристи да продолжи не само од Холандија туку и од други држави од Европа и светот”, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.
Македонскиот штанд беше посетен од продукт менаџерот на холандскиот тур оператор Corendon, Melik Yetim, кој изрази големо задоволство од поддршката и одличната соработка со Владата на Р.Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. За земјите од Бенелукс, Владата на Македонија преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за организиран странски туристички промет во земјава дава субвенции во висина од 65 евра по турист. Corendon бележи зголемување на аранжманите и за претстојнава летна сезона со подигнување на чартери до Охрид почнувајќи од месец мај до средината на септември. Во 2014 година имавме зголемување на бројот на туристи од земјите на Бенелукс кој изнесуваше околу 30.000 туристи и повеќе од 110.000 ноќевања.
Во месец јануари и средината на февруари Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот активно и континуирано ќе ја промовира Македонија како достапна и атрактивна туристичка дестинација на саемите за туризам во Финска, Турција и Белгија.