Заради поголема транспарентност при спроведувањето на стручните испити кои се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, од денес (16.01.2015) отпочнува реализација на проектот со кој се предвидува пренесување во живо на спроведување на теоретскиот дел на стручниот испит за проверка на техничко знаење за правилна употреба на оружјето и познавање на прописите за оружје за кандидати кои имаат намера да поднесат барање за набавување на оружје.
Согласно член 9 став 1 точка 6 од Законот за оружјето еден од условите за набавување на оружје е располагање со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје. Исполнетоста на условот предвиден во член 9 став 1 точка 6 од Законот за оружјето се проверува со полагање на стручен испит.
Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето (Службен весни на РМ„ бр.164/2013) предвидува Стручниот испит да се состои од два дела и тоа:
– теоретски дел со кој се проверува теоретско знаење на кандидатите и се полага по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на електронски тест на компјутер и
– практичен дел со кој се проверуваат практичните способности на кандидатите се спроведува во овластеното правно лице кое го спровело практичното способување на кандидатот за ракување со оружје.
Имено согласно член 14-д став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето полагањето на стручниот испит за проверка на техничко знаење за правилна употреба на оружјето и познавање на прописите за оружје се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за внатрешни работи, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот стручен испит се поставува на веб страницата на Министерството за внатрешни работи.
Сите заинтересирани преку интернет страницата на Министерството, www.mvr.gov.mk и посебниот таб ќе може да го проследат денешниот испит (16.01.2015) кој започнува во 16.00 часот во просториите на АССЕКО СЕЕ Скопје.
Следењето во живо на стручниот испит на кандидатите ќе биде можно единствено преку деск топ компјутери, односно истиот нема да може да се следи преку мобилни телефони.