Груевски: Посетата на Индија ги надмина нашите очекувања

Премиерот Никола Груевски ја оцени економско-политичката посета на Индија како повеќе од успешна поради големиот интерес покажан од страна на индиските бизнисмени за можностите за инвестирање во Македонија како и презентацијата на македонската приказна во оваа земја.

„Многу сум задоволен од посетата на Индија. Овојпат имавме и една вонредна можност, покрај редовните презентации да вршиме презентација и на за нивни цели организирани економски самити на коишто имаа покането голем број гости, огромен број претседатели на компании коишто многу тешко ние би ги собрале во нашите роуд шоуа. Во едната прилика имаше четири до пет илјади претседатели на компании што е ретка можност да се изврши презентација пред толкав аудиториум, а во втората ситуација имаше 1.700 и беше од голема корист. Се покажа голем интерес. Заземавме доста место и во медиумите во Индија. Се рашири приказната за Македонија, многу луѓе дојдоа да прашуваат. Со многу разговаравме, со некои веќе имавме почнато разговори па сега веќе ги финализиравме односно ги доведовме некаде при крај. Со некои сега започнавме,“ вели премиерот Груевски.

Тој потенцира дека е многу добро тоа што имаме амбасада во Индија, амбасадорот е целосно посветен на економскиот дел. Најави дека веќе во наредната недела амбасадорот треба уште еднаш да ги исконтактира или се сретне со сите коишто ги сретнале, со кои преговарале и разговаравме, а ќе се обиде добар дел од нив да ги испрати во Македонија во наредните месец, два или три месеци на детални преговори.

„Можам да кажам дека сум повеќе од задоволен и беше повеќе од нашите очекувања“, рече премиерот Груевски.