Репрезентацијата на Македонија денес ја оствари втората победа во вториот натпревар на Светското првенство во ракомет кое се игра во Катар. Овој пат Македонија го совлада Иран со 33-31.
Македонија добро го започна натпреварот, со оглед на тоа што селекторот Обрван се одлучи да стартуваат играчите кои не добија шанса или имаа мала минутажа на првиот натпревар против Тунис. Репрезентацијата на Иран се спротивстави, дојде во водство, но тоа траеше само до средината од првото полувреме. Потоа следуваше рамномерна борба се до финишот од првиот дел кога нашите ракометари ја презедоа иницијативата, одиграа добро и ефикасно и заминаа на полувреме со предност од 2 голови 17-19.
Во второто полувреме продолжи солидната игра на нашите ракометари. За момент Иран се приближи и на еден гол разлика, но нашата репрезентација не дозволи изненадувања и со добра игра ја зголемуваше предноста во завршните 10 минути. Иран грешеше, немаше ефикасност при нивните последни напади, а Македонија знаеше тоа да го искористи во контранапад. На крајот Македонија заслужено победи со 33-31.
За играч на натпреварот беше прогласен Кире Лазаров, кој беше и најдобар стрелец на натпреварот со 9 постигнати голови.
Утре нашата репрезентација има слободен ден, а во понеделник со почеток во 17:00 часот ќе игра против Босна и Херцеговина.
WebOhrid