Советничката група на СДСМ Дебрца денес испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:
„Јавното претпријатие „Дебрца“ – Белчишта, како давател на комуналната услуга собирање и транспортирање на комуналниот отпад повеќе од 20 дена не ја врши услугата, односно не го собира комуналниот отпад од граѓаните и правните субјекти од општина Дебрца. Причината за тоа е неможноста на специјалното возило за собирање на отпадот да влезе во населените места поради од снегот неисчистените општински патишта и улици, а кое нешто согласно Оперативната програма за зимско одржување на општинските патишта и улици е обврска на јавното претпријатие, односно општината.
Согласно член 19 од Законот за комуналните дејности во случај на прекин на давање на комуналните услуги поради виша сила или други причини кои не можеле да се предвидат или спречат, давателот на комуналните услуги меѓу другото е должен без одлагање да преземе итни мерки за отстранување на причините кои довеле до прекин во давањето на комуналните услуги.
Со оглед на тоа да дваесетина дена не беа отстранети причините кои доведоа до прекин на комуналната услуга, односно не беа исчистeни патиштата и улиците и истите во најголем дел беа тешко проодни, а имајќи го во предвид основното начело според кое надоместок (цена) се плаќа само за добиена услуга, како советничка група на СДСМ во Советот на општина Дебрца предлагаме и бараме јавното претпријатие корисниците на услугата да ги ослободи од обврската за плаќање на надоместокот за периодот во кој не е вршена комуналната услуга -собирање на комуналниот отпад.“- стои во соопштението.