УЕФА оваа недела ја започна програмата „Капитени на промени“, каде учесниците се стремат кон развој на проекти за различност и инклузија во фудбалскиот менаџмент низ европските земји.
Кандидатите кои работат во националните федерации членки на УЕФА, или пак во УЕФА партнерските организации ќе ги презентираат своите предлог проекти, а потоа ќе бидат водени низ стратегиите за менаџмент со промени, структура на проекти и лидерство преку работни групи.
Освен што ќе им бидат дадени алатки за имплементација на нивните поединечни иницијативи за различност, учесниците ќе црпат инспирација од Кларенс Сидорф, глобален амбасадор на УЕФА за различност и промени, Џојс Кук, управен директор на CAFE (Centre for Access to Football in Europe – Центар за пристапност до фудбал во Европа), како и Пиара Повар, извршен директор на FARE (Football Against Racism in Europe – Фудбал против расизмот во Европа). Програмскиот амбасадор Кристијан Карамбеу ќе му се придружи на генералниот секретар на УЕФА Џани Инфантино во затворањето на еднонеделните активности.
„Проектот Капитени на промени е создаден со цел да се охрабри поголем диверзитет во фудбалот и оттука ќе произлезат значајни чекори во тој правец уште во првите предлог проекти“, – изјави Инфантино. „Фудбалот подразбира прифаќање на различностите на теренот, а ние се трудиме тоа да го пренесеме и на ниво на администрацијата и менаџментот на играта, и во таа смисла ова е програма која може да ја смени перцепцијата за изгледот на спортот“.
Имплементацијата на проектот ќе биде мониторирана, ќе се следи прогресот оваа пролет кога и се очекува завршувањето на имплементацијата на првиот дел од програмата. Во февруари се очекува консултација помеѓу учесниците, нивните директни претпоставени, претставник на УЕФА и член на програмскиот тим, а УЕФА исто така ќе помогне во финансирањето на некои од проектите кои ќе се спроведат како резултат на програмата.
„Доколку сакаме да постигнеме вистинска промена во фудбалските тела мора да се покаже лидерство и одговорност“, – истакна Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалската Федрација на Македонија. „Нашето учество во програмата ќе влијае како иницијатор на тие промени преку зајакнување на соработката помеѓу сите заинтересирани страни и, во нашиот случај, ќе води кон инклузија на повеќе жени и лица со посебни потреби“.