Република Македонија и Народна Република Кина имаат исклучително добра одбранбена соработка, која се увиди и преку интензивните контакти и средби на високи лица од двете земји минатата година, заклучија министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и одбранбеното аташе на НР Кина во Република Македонија, постар полковник Жанг Баокун на денешната средба во просториите на Министерството.
На средбата, соговорниците разговараа и за можноста за размена на искуства помеѓу двете земји во областа на учеството во мировни операции на Обединетите Нации, имајќи предвид дека НР Кина е еден од најголемите контрибутори во овие операции.
Процесот на доедукација и образование на припадниците на Армијата на Република Македонија и нивната обука за нас се многу важни и затоа сакаме соработката да ја развиваме и во таа насока, рече министерот Јолевски. Во тој контекст министерот посочи дека согласно плановите на Министерството половина од курсевите на Воената академија за трета и четврта година се планираат да се реализираат на англиски јазик со што се отвора и можноста за размена на кадети и студенти со партнерските и пријателски земји, меѓу кои и НР Кина.
Билатералната соработка помеѓу Македонија и НР Кина во областа на одбраната се реализира согласно Спогодбата за соработка од 2004 година. Истата вклучува повеќе подобласти меѓу кои и военото образование, воената наука и технологија, култура, спорт и медицина.