Претседателот Иванов се сретна со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, Хашим Тачи

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, Хашим Тачи.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, и евроинтеграциските процеси на двете земји.

Двајцата соговорници изразија задоволство од нивото на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Косово, и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на добрососедски односи низ отворен и конструктивен дијалог.

Претседателот Иванов и министерот Тачи ги реафирмираа заедничките стратешки цели за мир и стабилност во регионот, и членство во европските и евроатлантските структури.

Македонскиот претседател нагласи дека фокусот во наредниот период треба да биде на соработка во сферата на економијата како исклучително значаен сегмент во нашите односи, преку заедничка посветеност за подобрување на инфраструктурата .

Министерот Тачи ја истакна подготвеноста за градење и унапредување на добрососедските односи, и интензивирање на соработката меѓу Република Македонија и Република Косово во сите области од заемен интерес.