Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески и директорката на Јавната општинска установа за деца – Детска градинка „Јасна Ристеска“, Розе Костеска денес свечено отворија група за вршење на одделни услуги од својата дејност во други просторни услови во ОУ „Кочо Рацин“ на улицата Радојца Новичиќ.
„Ова претставува трет ваков проект што се реализира изминатите неколку месеци во рамки на општина Охрид и би сакал да му честитам на градоначалникот и сите вработени во општината, на Советот за вложениот труд, напор, во насока на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Општина Охрид е вистински пример како треба да се работи во насока на подобрување и зголемување на капацитетите и правење на систем на достапност на детските градинки во населени места во рамките на една општина“. – изјави министерот Спасов.
Во градинката со посебни просторни услови ќе бидат згрижени новозапишани деца, кои за прв пат ќе почувствуваат како е да се биде во предучилишна воспитна институција.
„Детска градинка во ОУ „Кочо Рацин“, со простор од прилика 90 квадрати, обезбедена е занимална, кујна и реконструирани се тоалетите и сето тоа благодарение на иницијативата која што произле од програмата на УНИЦЕФ за ран детски развој, наречена „Првите пет се најважни на свет“. Проектот е многу значаен за ова населено место во Охрид, согледувајќи ги неопходните потреби за обезбедување на еден ваков проект, со оглед на тоа што сите деца кои што егизистираат на територија на општина Охрид, не можат да бидат во постоечките капацитети. Тоа е нешто што нас и во иднина ќе ни претставува една насока како да го развиваме овој дел од нашата програма за ран детски развој и обезбедување на воспитно образовен процес кај популацијата од предшколска возраст“. – истакна градоначалникот Бакрачески.
Министерството за труд и социјална политика продолжува со реализација на низа проекти, на подобрување на квалитетот на услугите кои што ги даваат детските градинки во Република Македонија, односно за подигнување на квалитетот на храната во самите градинки, за воведување на здрава храна, за реализација на проектот за здрава исхрана.
Ова не е последниот објект кој ќе се отвори како група во други просторни услови. Министерот Спасов најави дека во Пештани набрзо ќе биде отворена ваква група во други просторни услови, со што дополнително ќе се зголеми капацитетот, ќе се подобрат условите, ќе се создадат можности за повеќе родители да можат да ги задоволат своите потреби, односно да ги згрижат дечињата во рамки на градинките и објектите во општина Охрид.
WebOhrid