Отворено писмо до Министерството за необразование околу штрајкот, контра штрајкот, чаушите во министерството и СННН (синдикатот за необразование, ненаука и некултура).
Свесен сум дека ова мое писмо кај многу медиуми нема да види бел ден ама ги разбирам. Знам дека голем дел новинари, главни уредници-мои добри пријатели, веќе утре ќе почнат мене или преку мои пријатели да ни се правдаат и да се извинуваат што нема да го објават ова, но што да се прави. Ги жалам но неможам да им помогнам.
На никого лично ни по име ни по презиме нема да му се обраќам од пусти страв да не ме тужите оти само за тоа ве бива.
На самиов почеток Ве молам не донесувајте суд за мене пред да прочитате до крај што сакам да ви кажам. На крај од ова писмо ви ветувам ќе ви објаснам, зошто сметам дека имам право вака да ви се обратам.
Мили мои и никогаш непрежалени донесувачи на законите за образование и сите околу вас со пониско или послабо образование од сите нас просветните работници.
-Вака ли мислите да да го подобрите квалитетот на образованието во државава?
-Вака ли мислите дека се цени и почитува авторитетот и трудот на вашите учители, наставници, професори?
-Вака ли мислите дека, и така нашите ниски плати споредени со вашите, ќе ни стигнат за нормален сиромашки живот во нашава ептен сиромашка земја?
-Вака ли мислите дека ќе не замолчите еднаш за секогаш и ќе го спуштите образованието под дното на кое сега се наоѓа?
Да не набројувам повеќе. Ве прашувам. ДО КОГАААА?
Основата се добива во основното образование господа ако не сте знаеле.
Можете да ни дадете, додаете, придадете, наддадете уште незнам колку администартивни задачи, тестирања, лиценцирања, усни, писмени, екстерни, интерни, домашни и меѓународни испити сето тоа ќе го издражиме. Јаки сме ние, јаки, колку да знаете ако не сте знаеле. Кога издржавме и сеуште издржуваме да работиме со искинати и парталави учебници, без греење, без струја, со шкарт компјутери, без интернет во училиштата, понижување до бескрај на нашата просветна и благородна професија ќе го издржиме и ова. Еве пробајте не уште малку, без одговор на нашиве маки и барања, и тоа ќе го издржиме. Во лето ако треба ќе работиме кога вие ќе одморате но никогаш ама никогаш нема учениците да ги оставиме без образование како што вие останавте. Кај нас нема самобендисаност (со исклучок на неколку ваши полтрончиња), кај нас нема неможам,несакам, неработам или не ми се работи. Кога ќе влеземе во училница пред нашите ученици имаме авторитет, достоинство, знаење и љубов (не интерес како вас) кон професијата. Дури и со оние 4% што ни ги дадовте како милостиња не не поколебавте да си ја работиме работата подобро и најдобро од сите. Ни ги наполнивте училиштата со партиски војници (наставници, професори со средно образование, едвај матурирале и сега одработуваат за вас и за себе не за учениците) и земаат плата без образование. И нивната работа ќе ја работиме, не грижете се, нема да ги осакатиме децата, ќе извадиме генерации поучени од вас бидете сигурни во тоа. Нашите ученици ќе завршуваат факултети, сигуро нема да бидат вечни студенти или со туѓи дипломи како повеќето од васносачи на законите.
Алоо мешате ситуација со ќотек. Ова сега за сега е ситуација, а свесни сме дека не чека и ќотек ако излеземе на улица. Веднаш ќе ги извадите на улица ќотегџиите и ете ти интелигенција против багра. Е тука сме слаби ама ќе чекаме. Веќе почнавте со некои КОНТРА штрајкувачи кои се задоволни од платите, од условите и сите други работи. Господе Боже помогни им на сите оние кои несакаат да им се зголеми платата. Па каде се чуло и видело во светов некој да несака да му се зголеми платата. ПРОСТИ ИМ ГОСПОДЕ НЕЗНААТ ШТО ПРАВАТ. Јас им простив, толку им сече. Не разединивте, не растуривте, ама ќе издржиме јаки сме ние.Пред вас сме, неможете да не стигнете. 100 чекори пред вас сме со образование. Ние учевме, студиравме и дипломиравме на државните универзитете, а не донесовме дипломи од Ќустендил и Благоевград Бугарија, Ѓирокастро и Фиер Албанија, Гњилане и Урошевац Косово, Врање, Прешево и Лесковац Србија и од каде уште не. Учени луѓе сме. Не се надеваме многу на „залагањето“ на нашиве СОНК-овци кои по потреба се со вас, по потреба се со оние другите, кои пред десетина години почнаа да го носат кон днотообразованието (истите тие сега се со вас) па вас добро ви дојде да го дооднесете. Македонија е земја на сончогледи, нормално е да си се вртат од кај што грее сонцето само што овој пат изгледа нема да ги огрее. И таму кај нив(СОНК-овците) како кај вас полно е со учени-недоучени, едвај завршиле по некоја виша школа и станаа лидери ама барем на време се тргнаа од образованието да не ги приучуваат и да не ги осакатуваатдецата.Колку бевме среќни кога СОНК се разведуваше од ССМ, кога брадести синдикалци шетаа по училиштата, ко Тито да го чекавме со алаузи, кафиња, благо и оп сега во водата ДУПКААА. Негде на некого не му излезе сметката како што треба, па сака да не злоупотреби сите нас просветните работници против вас. Простете, нонас не ни треба никаков СОНК да не тера против вас, вие сами не терате ова да го правиме што одамна требаше, но си имаме маки кои вие си ги немате де.Нас не ни треба да ни лепите етикети на политички инструирани опозиционери, несме опозиционери, мака си имаме, мака. Не ни се потребни опозиционери за нашите маки, ни од нив нема фајде кој видел фајде од килава опозиција. Нас не ни се потребни „бомби“, „имотни листови“, „аккетни листови“ и хартии од вредност, нас ни се потребни услови и плати за да дадеме квалитетно образование. Немаме „бомби“, „имотни листови“, „аккетни листови“ и хартии од вредност но немаме ни учебници, креди, табли, греење, превоз да стигнеме до работните места, пари за одење на работа. Е тоа немаме. Не смение против вас, само не сме ни со вас во оваа ујдурма од закони за образование: те основно, те средно, те високо, те ќе правите замени, те изедначивте плати на среднисти и факултетлии. Е што е следно сега?Ако не ја надминеме ситуацијава ќотекот ли е? Чувај Господе од полошо што може да ни се случи. ГОСПОД Е ГОЛЕМ,„Да е забаено, да не е забораено“
Пред да ви напишам зошто сметам дека имам право вака да ви се обраќам Ве повикувам ако имате образ соочете се со нас просветните работници (не со избрани и именувани функционери од СОНК и контрашите, но ако нека бидат и тие). Ајде да организираме една јавна дебата околу нашава и ваша ситуација, нека не има и од оние кои сакаме подобрување на образованието и од оние кои се задоволни и тоа не го сакаат. Да ги соочиме аргументите да си ги кажеме ние нашите а вие вашите маки па ако се најдеме негде на средина и тоа е нешто барем почнавме. Донесете ги вие законите, ние ќе ги донесеме искинатите книги, расипаните компјутери, фактурите за неплатени сметки за струја и се друго што ни го прави квалитетно нашето образование.Ние ќе го платиме кафето ако треба на кафе паузата додека вие си ги прашате вашите ментори дали да наоѓате средина или не. За толку имаме ако треба и од дома ќе си донесеме. Ние чекаме. Вие сте на потез.
Сега да ви објаснам зошто сметам дека имам право вака да ви се обраќам.
Со еден дел од вас, донесувачи на закони,сме биле колеги на факултет, во студентските домови, соработници или колеги на работа. Ве знам дека не сте биле вакви, затоа ви се обраќам. Еден дел од донесувачите на закони, сум ги подржувал како студенти во 97-мата, сум им носел паштети и сендвичи во шаторите во паркот „Жена борец“,некои од вас завршија факултети, некои донесоа дипломи од странство, некои пак останаа вечни студенти и затоа вака ви се обраќам. Со некои од Министерството за образование заедно сме фрлале по некоја лопата на темелина нови училишта кои останаа недовршени и после пет години. Колку да знаете сега истите се штали за коњи и говеда. Сум учествувал на ваше сечење црвени ленти на недовршени училишта. Сме јаделе заеднофлија и зелник и затоа вака ви се обраќам. Еден дел од вас биле мои ученици на политички обуки и добро знам дека не сте биле ваквии затоа вака ви се обраќам. На поголемиот дел од донесувачите на закони сум им основал партија (не само јас, да не ме сватите погрешно, со цел тим прекрасни луѓе тогашни и сегашни мои пријатели, сме дале голем придонес да го имаат ова што сега го имаат)и затоа вака им се обраќам. Секој ќе си се препознае низ текстов не се сомневам во тоа и секој треба да се запраша дали постапил исправно со кревањето на раката за гласање или дали ќе постапи правилно понатаму во наредбите да ни удрите ќотек. Јас имам образ на секому да му погледнам во очи без да наведнам глава. А Вие?
Владо Димовски-Професор по Македонски јазик и книжевност
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.