СДСМ: Бараме од градоначалникот наместо да замижува, да го прекине самоволието на директорката на градинката „Јасна Ристеска“

ОО на СДСМ Охрид, денес одржа прес-конференција, на која зборуваше советничката Оливија Пирузева Јанева.

„Бараме од градоначалникот Никола Бакрачески, наместо да замижува, да преземе соодветни мерки и да го прекине самоволието на директорката на градинката „Јасна Ристеска“.

Постапките и однесувањето на директорката на оваа градинка се на штета на родителите и на воспитниот процес на децата.

Директорката на оваа градинка без согласност на Советот на Општина Охрид ја покачила цената за полудневен престој, речиси двојно, од 800 на 1.500 денари.

Исто така самоволно, преку ноќ, донела одлука престојот на дечињата да се плаќа однапред, пред 1-ви во месецот. Имињата на дечињата за кои не е платено се објавуваат јавно, на списоци истакнати на влезот од градинката.

Дополнително, директорката им наметнува на родителите нови трошоци за употреба на брошури, прирачници и друга задолжителна литература. Иако во предшколска установа не смее да има задолжителна литература.

Да биде скандалот поголем, токму оваа литература е од Издавачката куќа EDUKA MAK PUBLISHING, каде директорката е соработник, коавтор и рецензент.

Овие примери се само дел од самоволните постапки на директорката, кои предизвикуваат огромен револт кај родителите.

Неодговорноста на директорката не смее да се прикрива. Бараме веднаш да се преземат соодветни мерки во интерес на воспитниот процес, родителите и децата.“- истакна советничката Пирузева Јанева.

WebOhrid