По добиеното известување од бугарските ветеринарни власти за појава случај на птичји грип H5N1во регионот на Бургас во понеделникот и официјалната потврда за болеста добиена од Европската комисија во текот на вчерашниот ден, Агенцијата за храна и ветеринарство со цел да се спречи евентуално пренесување на високо патогена авијарна инфлуенца во Република Македонија, изрече мерка времена забрана за увоз и транзит на живина и диви птици, како и производи и нуспроизводи од живина и диви птици ( вклучително и јајца) по потекло од Бугарија, зона под надзор во радиус од 30 км од местото Пода, во регионот Бургас.
На сила останува забраната за увоз од Германија (зона под надзор во радиус од 30 километри од градот Anklam, во регион Land Mecklenburg-Western Pomerania), додека поради непријавени нови жаришта, од листата на забранети земји за увоз симнати се Велика Британија и Холандија, ниту Италија. Поради континуирано присуство на оваа болест, земјите од Африка и Азија, подолго време се наоѓаат на листата на забранети земји за увоз.
Поради појавата на оваа болест во соседството, Агенцијата за храна и ветеринарство даде насоки на официјалните ветеринари и ветеринарните друштва за следење на состојбата и даде препораки задолжително земање на мостри од угинати птици за лабораториско испитување. До одгледувачите на живина пратени се препораки за тоа какви биосигурносни мерки треба да преземат за да се заштитат од болеста, како и апел за задолжително пријавување на евентуално угината живина на фармите.
Надзорот на појавата и присуството на оваа болест во Република Македонија се врши согласно позитивните законски решенија предвидени со Законот за ветеринарно здравство, Програмата за сузбивање и искоренување на авијарната инфлуенца (Службен весник на РМ бр. 82/2007). Станува збор за Програма која е транспонирана од Директива на Советот 2005/94 и Годишната наредба за здравствена заштита на животните. Во рамки на надзорот од досега анализираните примероци од угинати или заловени диви птици, живина држена во екстензивни и интензивни услови во изминатите години не е утврдено присуството на болеста во Република Македонија.
До подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство, на бесплатната телефонска линија на Агенцијата 0800 – 3- 22 -22, како и до ветеринарните станици, граѓаните можат да пријават евентуално угинување на диви птици.