Цврста заложба за интензивирање на соработката помеѓу специјалните сили на Македонија и на Соединетите Држави

Министерството за одбрана на Република Македонија оддава големо значење на специјалните сили, кои секојдневно покажуваат исклучителни способности и капацитети. За нас е значајно специјалните сили во рамките на Армијата на Република Македонија да споделуваат искуства и знаења со специјалните сили на Соединетите Држави бидејќи тоа е најдобриот начин уште повеќе да го подигнеме квалитетот на овој значаен дел од Армиите на Република Македонија и на Соединетите Американски Држави.

Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на вчерашните средби во Командата на Специјалните сили на Соединетите Држави во Тампа, Флорида.

На средбата со генерал мајор Волтер Ли Милер, министерот Јолевски додаде дека Република Македонија развива повеќе капацитети кои се особено примамливи за обуки и вежби во реални услови, особено полигонот „Криволак“ кој нуди голема разновидност во извежбувањето.

Генералот Милер посочи дека имајќи предвид какви способности прикажуваат македонските мировници во мисиите „Слобода за Ирак“, ИСАФ и моментално во „Одлучна поддршка“, несомнено специјалните сили во АРМ се обучувани согласно највисоките стандарди, кои се практицирани и во Армијата на САД и во НАТО-алијансата. На средбата стана збор и за учеството на припадниците на АРМ во обуките на НАТО-командата за специјални операции. Со тоа, интероперабилноста на АРМ со армиите на земјите-членки на НАТО-Алијансата ќе се подигне на уште повисоко ниво.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски и бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, инаку Командант на Полкот за специјални операции во АРМ, се запознаа со капацитетите на Командата, а генералот Ѓурчиновски изврши и презентација за специјалните сили во АРМ.

MDB7362-Final_