МЗТ Скопје домаќин на Фајнл Фор турнирот од Купот на Македонија

МЗТ Скопје Аеродром и СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат домаќини на Фајнл Фор турнирот од 23-то издание на Купот на Македонија, откако предмалку заврши јавната лицитација за организатор на Купот, на која учествуваше и КК Куманово.

МЗТ достави барање Финалниот Турнир да се игра на 21 и 22 февруари (сабота и недела), наместо на претходно предвидените 20 и 21 февруари (петок и сабота).

Во наредните денови ќе биде објавен и точниот термин на извлекувањето на полуфиналните двојки, каде организаторот на турнирот ќе ги соопшти и првите детали околу организацијата. На Фајнл Фор турнирот ќе настапуваат МЗТ Скопје, Работнички, Куманово и Кожув.

Според Куп-Правилникот и Членот 1.8, извлекувањето на полуфиналните двојки од Фајнл Фор турнирот е полудиригирано, така што најдобропласираните две екипи од првиот дел на Првенството (по 9 одиграни кола), не можат да играат меѓусебе до финалето. Најдобропласирани 9 кола во сезоната во Првата Лига, беа МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

„Ние како клуб ќе направиме максимални напори тие два дена да бидат вистински празник за кошарката. Спортскиот центар поседува врвни услови за организација на турнир од вакво реноме и верувам дека се ќе мине во најдобар ред и ќе уживаме во одлична кошаркарска претстава“, – кратко изјави спортскиот директор на МЗТ, Видое Секуловски.

МЗТ Скопје Аеродром е и бранител на трофејот во Купот на Македонија, откако во минатогодишното финале во Охрид ја совлада Лирија. Најтрофеен клуб во натпреварувањето е Работнички со 8 освоени трофеи, додека МЗТ има 7. По два пати освојувачи на Купот беа Никол Ферт и Фени Индустри, додека по еден трофеј освоија Вардар Осигурување, Деликатес Кочани и Амак СП.