Наградени најдобрите дела од проектот на Агенцијата за млади и спорт „Млади уметници“

Проектот има за цел поддршка на младите талентирани уметници, како и поттикнување на младите луѓе да ги покажат своите дела пред јавноста, но и да ги мотивира и понатаму да творат и да го развиваат својот талент.

-По успешно реализираниот проект „Млади поети“ ова е втор проект со кој Агенцијата за млади и спорт дава целосна и директна поддршка на младите уметници во насока на поттикнување на нивниот уметнички и креативен потенцијал. Се со цел за нивна понатамошна дополнителна стимулација и мотивација да ги промовираат нивните уметнички дела во јавноста, но и понатаму да творат и да го развиваат својот талент, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Конкурсот траеше од 19 ноември до 5 декември, а можеа да учествуваат млади луѓе на возраст од 15-29 години во рамки на 5 дисциплини: сликарство, скулптура, графика, графички дизајн и фотографија.

Во рамки на овој конкурс кандидатите имаа можност да учествуваат само со едно дело.

Во рамки на конкурсот пристигнале 39 дела и тоа за сликарство: 19 дела, скулптура: 3 дела, графика: 7 дела, графички дизајн: 2 дела, фотографија: 8 дела.

За избор на најдобрите дела била формирана специјална комисија за селекција во состав: Гоце Наневски (универзитетски професор и продекан за настава на Факултетот за ликовна уметност), Славица Јанашлиева (универзитетски професор – графичар), Игор Сековски (графички дизајн, слободен уметник и дизајнер), Ана Лазаревска (професионален фотограф), Маја Чанкуловска Михајловска (историчар на уметност и куратор во Национална галерија на Македонија).

Во категоријата графички дизајн не биле пристигнати доволен број на дела за селекција.

Земајќи го предвид квалитетот на делата во категоријата сликарство, Комисијата одлучи да бидат доделени 2 награди по сликарство: делото „Спирала“ на авторот Верче Стевковска и делото „Тишина“ на авторот Наташа Петковска.

Во областа графика, наградата ја доби делото „Рогови“ на авторот Катерина Божиновска.

За најдобро скулптура беше наградено делото со наслов „Минута за себе“ на авторот Ивана Пирковска, а за најдобра фотографија беше наградено делото со наслов „Насока“ на авторот Ива Тоцили.

Младите автори од Агенцијата за млади и спорт добија ваучери од 40 000 денари.

Агенцијата за млади и спорт додели специјална благодарница за надежен млад автор на 15-годишната Сташа Божинова, за делото „Diversity and love“.

Во Националната Галерија на Македонија – Мала Станица од 26-28 февруари ќе биде организирана изложба „Young Art 2015“ на која ќе бидат изложени сите дела кои пристигнаа во текот на конкурсот.

Изложбата ќе има продажен карактер, така што сите заинтересирани ќе можат да ги откупат квалитетните, навистина одлични дела од младите уметници кои учествуваа на овој конкурс.

„Млади уметници“ е проект организиран за прв пат годинава, од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Наградените дела можете да ги погледнете на: официјалната Фејсбук страница на Агенцијата за млади и спорт.