Денес и утре во работна посета на Министерството за одбрана претстојува Висока делегација од НАТО Директоратот за политика и планирање, предводена од Франк Боланд. Повод на посетата на Високата делегација на НАТО е редовната евалуација на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Република Македонија и достигнувњата во одбранбените реформи, која се одржува редовно секоја година.
Тимот на експерти од Република Македонија е предводен од државниот секретар на Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, а во консултациите со Високата делегација на НАТО учествуваат експерти од Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и други институции инволвирани во ПАРП процесот.
Високата делегација на НАТО беше информирана за посветеноста на Република Македонија и нејзиниот континуиран придонес во меѓународните операции и успешно завршената мисија ИСАФ во Авганистан.
Воедно на состанокот стана збор и за напредокот во имплементацијата на Партнерските цели 2014, напредокот во тековната трансформација на Армијата, развојот на распоредливите способности, плановите за опремување и модернизација и одбранбената соработка.
Во дискусиите беше истакнато дека Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, ја потврди својата посветеност со продолжување на учеството во мировните мисии и во 2015 година.
Тимот на НАТО особено го поздрави придонесот на АРМ во новата НАТО предводена мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан во чии рамки учествуваме со 38 припадници на Армијата.
Сите достигнувања во одбранбените реформи ќе бидат евалуирани во рамките на новата ПАРП проценка 2015 за Република Македонија. Со овој процес се истакнуваат заложбите на Република Македонија за преземање на обврските и одговорностите кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО.
Утре, делегацијата од НАТО, како дел од посетата на Република Македонија ќе оствари средба со заменик министерот за одбрана, Арбен Лабеништа и со началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Горанчо Котески и други експерти од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија.