Екипи на јавните претпријатија „Охридски Комуналец“ и „Водовод“ од Охрид веднаш по паѓањето на снегот од доцна попладнево се на терен и работат на неговото расчистување.
Се чистат централните и периферни градски улици, тротоарите, стариот дел од Охрид, охридската чаршија и населбата „Бејбунар“.
Во акцијата се употребува механизацијата од овие две претпријатија, возила со ножеви, градежни машини и еден трактор со нож што минува низ населбите „Месокастро“ и „Варош“.
Низ тесните градски улици и секаде каде што е потребно ќе се фрлат околу пет кубика ризла и сол.
Екипите на „Охридски комуналец“ и „Водовод“ ќе бидат на терен до доцна во ноќта односно до кога тоа го налагаат временските услови.
Надлежните служби од општина Охрид апелираат до охриѓани да се вклучат во акцијата, односно да ги расчистуваат своите дворови од снежната покривка, со цел да го олеснат движењето во зимски услови.