Во повеќе села во регионот не се користи дезинфекциско средство во водоводите

Центарот за Јавно Здравје Охрид континуирано ја следи состојбата со квалитетот на вода во регионите на Охрид, Струга и Дебар. Особено е потенцирана контролата и мобилноста на екипите на ЦЈЗ, со почетокот на обилните врнежи од дожд и снег кои деновиве го зафатија регионот на Охрид и Струга.

„Првичните анализи на примероците на вода кои се анализирани во хемиската и микробиолошката анализа на Центар за јавно здравје Охрид, на први и втори февруари, покажаа дека состојбата со квалитетот на вода во градскиот водовод во Охрид ги задоволува законските стандарди за безбедна вода за пиење. Примероците на вода земени вчера од селата во Дебрца кои имаат сопствен водовод (Сливово, Слатино, Издеглавје, Песочан, Велмеј, Лешани, Белчишта, Ботун, Мешеишта, Подмоље) покажаа недостаток на дезинфекционо средство, а водата од селата Сливово, Сливово-извор, Издеглавје-извор и Подмоље беше со зголемена матност над максимално дозволените граници.“ – истакна на денешната прес-конференција, директорот на Центарот, Атанаско Михаилов.

Дел од примероците на вода од градскиот водовод и селските водоводи во Струга земени и анализирани на први февруари, во  с. Мислешево, с. Мороишта, бензиска станица Макпетрол, с. Калишта немаа дезинфекционо средство, а примероците на вода од с. Мороишта и с. Калишта покажаа микробиолошко загадување.

„Примероци на вода од селата приклучени на градски водовод земени се и на 2-ри февруари при што е констатирано дека концентрацијата на дезинфекционо средство е под минимално дозволената во селата Мислешево, Долно Татеши и Радолишта. Зголемена матност имаше во водата од с. Мороишта и Радолишта. Во тек се микробиолошките анализи не овие примероци.“– рече Михаилов.

Во текот на денешниот ден земени се примероци на вода од градските водоводи во Охрид и Струга, како и од села од Дебрца и Струга и анализите се во тек.

„Првичните резултати од хемиската анализа ќе ги имаме во попладневните часови, а резултатите од комплетните анализи ќе бидат готови во четврток.

Сите наши извештаи од анализите, навремено се испраќаат до соодветните инспекциски служби и институции (Агенција за храна, ЦУК) за понатамошно постапување. Според информациите со кои располагаме од Агенцијата за храна издадена е забрана за користење на водата од водоводните системи во селата во струшкиот регион Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта.“- додаде Михаилов.

Центар за јавно здравје е подготвен да изврши и дезинфекција на просторите во куќите-домовите или стамбените згради кои беа поплавени, веднаш штом сопствениците го расчистат просторот и се јават во Центар за јавно здравје со барање за дезинфекција.