СДСМ: Општина Охрид уште еднаш очајно се обиде сопствената вина да ја префрли врз поранешниот градоначалник

ОО на СДСМ Охрид денес испрати соопштение, во кое стои:

„Општина Охрид, наместо да ја признае својата грешка поради скандалот со „правничката“ без диплома во Секторот за урбанизам, уште еднаш очајно се обиде сопствената вина да ја префрли врз поранешниот градоначалник.

Безуспешен е обидот на општинската администрација, на чело со градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ, со контрадикторно соопштение да се амнестира за направениот катастрофален кадровски пропуст. Затоа, многу наивно звучи објаснувањето на сегашното општинско раководство, дека не ангажира лица за работа во општината исклучиво врз основа на партиска припадност.

Сепак, фактите го кажуваат следното:

Речиси две години, заклучно со 31.01.2015 год., лице вработено со договор во Општина Охрид работеше како правник во Секторот за Урбанизам, иако не е дипломиран правник. Во тој период два пати бил објавуван оглас за нејзино вработување во општината, но таа ниту еднаш не аплицирала, поради тоа што немала диплома за завршен факултет.

Точно е дека истото лице претходно било ангажирано од страна на поранешниот градоначалник на работни задачи во истиот сектор од 26.01.2012 год., но тогаш се работело за волонтерски договор, односно за времен волонтерски работен ангажман на проект. Ангажираното лице извршувало исклучиво помошни административни работни задачи, а нејзиниот работен ангажман бил прекинат по неколку месеци.

Веднаш по промената на локалната власт, истото лице повторно било работно ангажирано со договор во општина, како партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Но сега, вработената била распоредена да извршува стручни правни работи, без притоа да и‘ биде побарана диплома за завршен правен факултет. За скандалот да биде уште поголем, вработената подолг временски период ги потпишувала урбанистичките решенија во Одделението за спроведување на урбанистички планови, со овластување издадено од градоначалникот Бакрачески.

Значи, овластената “правничка“ без диплома решавала по урбанистичките предмети за судбината и имотите на голем број граѓани на Охрид.

Со овој скандал само се потврди незаконското работење во општинската администрација, самоволието на ВМРО-ДПМНЕ при вработувањата на партиските кадри и нивниот крајно несериозен однос кон граѓаните на Општина Охрид.“ – се вели во соопштението.