Обем на стоковната размена со странство

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – декември 2014 година изнесува 4 933 845 илјади САД долари, а на увозот 7 276 729 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 67.8%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2014 година, изнесува 2 342 884 илјади САД долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – декември 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (76.6%) и земјите од Западен Балкан (14.0%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (63.5%) и Останати земји, на друго место неспомнати (11.8%). Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија (51.7% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).