Економска делегација, предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, во чиј состав се и министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо, учествуваше на бизнис – форум во Њујорк, каде беа презентирани поволните услови за водење бизнис во Република Македонија.
За време на форумот, организиран во соработка со магазинот Форбс, вицепремиерот Пешевски ги истакна поволностите за водење бизнис, посочувајќи ја поволната деловна клима во земјата, притоа осврнувајќи се кон придобивките за странските компании, како што се најнискиот даночен пакет во Европа и стабилното макроекономско опкружување.
Тој воедно се осврна и на владините заложби за јакнење на потенцијалите за инвестиции, како и на тековните реформи во државните институции, образованието и инфраструктурата во насока на унапредување на условите за водење бизнис и обезбедување на поголем развој на македонската економија.
Организирањето бизнис форум во Њујорк, кој е еден од главните економски центри во светот, според Пешевски, е од особено значење за привлекување на нови странски инвеститори во нашата земја, доколку се земе предвид дека американските компании имаат голем потенцијал за ширење на своето производство, а некои од нив веќе и инвестираа кај нас.
„Ја потенциравме можноста не само за инвестиции во делот на производството, каде што Македонија е една од најатрактивните дестинации од аспект на трошоците, туку и во останатите услужни сектори, бидејќи ние го продолжуваме развојот на овој концепт на слободни зони и во делот на информатичките технологии, во делот на туризмот и во делот на здравството. Можам да кажам дека интересот беше задоволувачки за време на презентациите, но и по нив, и веруваме дека во иднина со неколку од компаниите ќе оствариме директни посети во Македонија што се разбира, е основа за поконкретни инвестиции понатаму“, додаде вицепремиерот Пешевски.
На форумот говореа и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
„Кај американските компании во континуитет постои интерес за инвестирање во Македонија, што може да се согледа низ постоечките производствени погони на Вистеон, Џонсон Контролс или Кемет. Овие компании имаат позитивно искуство од водењето бизнис во Макеодонија и функционирање во технолошко- индустриските развојни зони и претставуваат важен амбасадор при привлекувањето на нови американски компании, како што беше случајот и со Амфенол, Ки Сејфти системс, Кап Кон и Гентерм“, истакна Мизо.
Инфраструктурната изграденост на ТИРЗ-овите и можноста лесно и брзо да се започне со изградба на нови капацитети, даночната политика, континуираното намалување на административните бариери, поволностите кои се нудат во зоните, посочи Мизо, се дел од главните адути на Македонија за привлекување на странските инвеститори.
„Целиот процес и континуираната и квалитетна услуга и внимание кое се посветува на новите инвеститори е уште една важна алка која влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори. Претставувањето на сите овие факти на бизнис форуми како денешниов во Њујорк, е неопходно за да се слушне приказната за Македонија за што поголем број на компании да не имаат во предвид кога размислуваат за проширување или преструктуирање на присуството на европскиот пазар“, додаде тој.
Министерот Самак пак се осврна и кон моменталната состојба на доларот наспроти еврото и нивното значење за инвеститорите во нашата земја.
„На американските инвеститори им посочуваме дека во период на силен долар наспроти слабо евро, инвестициите во Македонија се многу поисплатливи, независно дали продуктите или услугите би биле насочени кон европските или кон американскиот пазар. Оваа ситуација со слабо евро може да потрае најмалку една година, што значи можноста да се намалат трошоците, но и да се освојат нови пазари треба да се искористи максимално. Бројните Американски инвеститори во Македонија, како Вистеон, Џонсон Контролс, Кемет, Гентерм и наскоро уште една голема компанија, се дополнителна потврда за овој тренд“, потенцираше Самак.