Стрип-уметноста во подем, промовирани десет изданија

Стрипот во Македонија успеа да се избори за своето заслужено место и да го пронајде вистинскиот пат до својата публика како уметност на текстуално-ликовниот израз. Денеска стрипот ги достигнува највисоките граници на медиумската креативност …

Ајвармен – првиот автентичен македонски суперхерој, јунакот Војдан и македонски револуционери, се меѓу стрип-ликовите создадени од претежно млади автори кои со креативност и ентузијазам за само неколу години ја афирмираа деветтата уметност во Македонија.

Издавачката куќа „Стрип квадрат“ од Скопје денеска промовираше 10 стрип-изданија кои со поддршка на Министерството за култура ги има објавено во една и пол година, колку што постои. Пет се стрип-сликовници од едицијата „Револуционери“ (Храброста на Гоце, Пиринскиот цар, Првиот претседател, Јунакот од Мечкин Камен и Учителот од Смилево), стрип-изданијата Ајвармен, Војдан, Бесмртната вода, Чуварот на вечната светлина и стрип-антологијата Различни светови, кои ги претставија стрип-авторите Игор Јовчевски, Никола Темков, Давор Драмиќанин и Диме Иванов-Димано.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата истакна дека стрип уметноста во последните децении била занемарена и стрипови се појавувале инцидентно, а само во последните две години десеткратно се зголемил бројот на стрип-проекти што аплицирале и добиле поддршка преку годишните програми на Министерството.

„Стрипот во Македонија успеа да се избори за своето заслужено место и да го пронајде вистинскиот пат до својата публика како уметност на текстуално-ликовниот израз. Денеска стрипот ги достигнува највисоките граници на медиумската креативност и навистина радува податокот што во експанзијата на македонска стрип-сцена во последните години особено доминираат младите автори кои со својата инспирација и креативниот дух секојдневно ни ја откриваат возбудата на своите нови авантуристички светови. Нивниот ангажман резултираше со создавање на првите автентични македонски стрип-херои како главни јунаци на стриповите кои денеска ги промовираме“, – рече Канческа-Милевска, очекувајќи со нив стрип културата да се доближи до младите.

Промоторот Душко Кралевски е задоволен што некогашните „цртани романчиња“ сега се третираат како што заслужуваат.

„Сум ја следел оваа дејност и во неа сум наоѓал вредности. За разлика од некои кои ја сметаа за супкултура, за нешто помалку важно и помалку вредно. Со текот на времето почнуваат да се афирмираат автори и стрипот да го зазема своето место во културата“, – рече Кралевски.

Подлога на едицијата „Револуционери“ е македонската историја од илинденскиот период, епска фантастика има во „Војдан“, кој е поврзан со битката на Беласица, елементи од македонскиот фолклор содржат „Бесмртната вода“ и „Чуварите на вечната светлина“, комична приказна за костимираниот стрип јунак Ајвармен.

Ајвармен е Дарко кој се преобразува во суперхерој кога ќе изеде специјални пиперки. Негов противник е Томатон. Стрип-сценаристот Драмиќинан рече дека во стрипот се вклучени седум автори. Со Игор Јовчевски ликот го создале пред 7-8 години, по примерот на американските суперхерои, но овој е автенетичен, македонски. Во кратки епизоди Ајвармен веќе бил претствен на стрип-фестивали и добил награди, како и позитивни критики на форумите. Тоа им укажало, рече Драмиќанин, дека Ајвармен има потенцијал и е дојдено времето за стрип-албум, а авантурите на Ајвармен ќе продолжат.

Диме Иванов-Димано, авторот на Војдан, рече дека го инспирирала историјата која Македонија ја има во изобилство.

„Светот прави надувани јунаци, лажни кралеви, а ние имаме 40 илјади години историја“, – рече Димано.

Игор Јовчевски од „Стрип-квадрат“ истакна дека се случува ренесанса во стрип-уметноста во Македонија, но дека успеале благодарение на институционалната поддршка.

„Сфативме дека како поединци и со самофинансирање не се може, па решивме да отвориме издавчка куќа за полесно да го пробиваме патот. Почнавме со „Храброста на Гоце“ во 2013, аплициравме кај Министерството за култура за откуп и бевме изненадени од целосната поддршка, без која тешко дека ова ќе беше“, – рече Јовчевски.

„Стрип-квадрат“ планира да објави едиција за антички кралеви која, како и „Револуционери“, веројатно ќе има пет наслови. Стратегијата во иднина, рече Јовчевски, ќе има две насоки: да промовираат млади автори, кои немаат каде да го покажат својот цртачки талент, и да објавуваат стрип-антологии, каде што ќе ги претставуваат, како што рече, македонските антологиски стрип-автори, како Диме Иванов-Димано, Љупчо Филипов итн.

06_press-strip_novi_naslovi_640