И во случајот на Македонија да се почитува меѓународното право – учество на претседателот на 51. Минхенска безбедносна конференција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од 6-ти до 8- ми февруари, во Минхен, Сојузна Република Германија, учествуваше на 51. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од Министерот за надворешни работи на Република Македонија, м-р Никола Попоски.

Во фокусот на годинешната конференција беа: Светот во 2015 година, борбата против тероризмот, нерешените конфликти во Европа со акцент на Украина, состојбата на Блискиот Исток, ризиците од бегалска криза, итн.

За време на своето трето учество на Минхенската безбедносна конференција, претседателот Иванов оствари повеќе формални и неформални средби со дел од учесниците на собирот.

На средбата со претседателот Алијев беше разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан, како и за унапредување на економската соработката.

Во годината кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, двајцата претседатели изразија задоволство позитивниот тренд во билатералните односите меѓу двете земји, кои ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за нивно натамошно проширување и продлабочување.

Претседателот Иванов ја потенцираше потребата за унапредување и динамизирање на економската соработка, и јакнење на трговската размена меѓу двете земји, преку конкретни економски проекти, и додаде дека азарбејџанските инвестиции се добредојдени во Република Македонија. Во тој контекст македонскиот претседател го запозна претседателот Алиев, со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, и со состојбите во македонската економија.

Претседателот Алиев, согласувајќи се со потребата за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог, изрази задоволство од претстојната посета на претседателот Иванов на Азербејџан.

„Азарбејџан е подготвен за продлабочување на соработката со Република Македонија, во сите сфери од заеднички интерес и со задоволство ја прифаќам поканата за официјална посета на Република Македонија”, нагласи претседателот Алијев на средбата..

Азарбејџанскиот претседател го информираше претеседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион. На оваа тема, беше договорено интензивирање на контактите.

На средбата беше разговарано за натамошна соработка на мултилатерален план, а беа разменети информации за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Каспискиот регион.

На средбата со Генералниот секретар на ОБСЕ, претседателот Иванов истакна дека Република Mакедонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на земјата во повеќе сфери – владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, целосно ја поддржува работата на организацијата и на г. Заниер..

Македонскиот претседател го запозна соговорникот дека за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите. Тој додаде дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество.

На средбата се разговараше и за состојбите во поширокиот регион.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија го поддржува усвојувањето на Декларацијата за улогата на ОБСЕ во справувањето со феноменот на странски борци, во контекст на имплементација на резолуциите 2170 (2014) и 2178 (2014) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, што се однесуваат на справувањето со насилниот естремизам.

„Српското претседавање со ОБСЕ треба да се искористи за зајакнување на регионалната соработка во нашиот регион, по прашањето за справување со насилниот екстремизам и странските борци.Потребни се соодветни проекти, во соработка со ОБСЕ, за соочување и превенција од овие закани”, порача претседателот Иванов на средбата.

„Општа оценка е дека постои огромна загриженост, пред се, за состојбите во Украина. Тоа носи многу емоции, како што се виде во излагањата на учесниците, а се чувствува и вознемиреност иако на 51. Минхенската безбедносна конференција, како еден од најзначајните глобални форуми, се расправа за прашања од безбедноста, но и за сите прашања кои се предизвици на нашето време”.

Ова го истакна претседателот Иванов, по завршувањето на тридневната конференција во Минхен.

Тој додаде оти Минхенската конференција е позната како форум на кој секогаш се настојува преку дијалог и на мирен начин да се решаваат конфликтите кои постојат и да се превенира.

Потенцирајќи дека конференцијата е можност за средби со многу лидери, експерти и други луѓе кои носат одлуки во сферата на безбедноста, претседателот Иванов информира дека сите негови досегашни учества на оваа конференција, вклучувајќи ја и оваа година, ги искористил за размена на мислења, контакти и средби, со сите оние кои на некој начин се поврзани со нашиот регион.

На билатералните средби во Минхен, македонскиот претседател укажа за нашата состојба бидејќи, како што рече, можевме да слушнеме дека најчесто се повикуваат на почитување на меѓународното право.3

„Укажав дека тоа е и нашиот проблем што го имаме со нашиот сосед, затоа што отсуствува почитувањето на меѓународното право и веќе донесените договори кои постојат. Укажав и на тоа дека Македонија долго време е блокирана поради непочитувањето на меѓународното право од страна на нашиот јужен сосед и оти за нас треба да важат оние позитивни искуства кои ги имаме во нашиот регион за паралелно движење на процесот на преговарање за членство во ЕУ, кој го трансформира нашето општество”, изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател појасни дека сите земји од нашиот регион ги трансформираа своите општества и сите нивни институции се прилагодени на европските стандарди и принципи односно се менува целиот амбиент.

Токму тоа е она што нас ни недостасува и поради блокадата ги гледаме и актуелните состојби кај нас во земјата и до каде сето тоа води, рече претседателот Иванов, додавајќи дека неговите соговорници пројавиле интерес за се она што е закана за нашиот регион како што се тероризмот и странските борци.

На 51. Минхенска безбедноста конференција учествуваа околу 20 шефови на држави и влади, околу 60 министри за надворешни работи и за одбрана, 30 извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации. Меѓу учесниците беа германскиот сојузен канцелар, г-ѓа Ангела Меркел, како претставник на земјата домаќин, потпретседателот на САД, г. Џозеф Бајден, претседателите на Литванија, на Естонија, на Бугарија, на Финска, на Азербејџан и на Словенија, г-ѓа Далиа Грибаускаите, г. Томас Хенрик Илвес, г. Росен Плевнелеив, г. Саули Нинисте, г. Илхам Алијев и г. Борут Пахор, холандскиот премиер, г. Марк Руте, рускиот министер за надворешни работи, г. Сергеј Лавров, Генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг, Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер, и др. На конференцијата учествуваа и повеќе поранешни државници, меѓу кои поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт и поранешниот Генерален секретар на ОН, Кофи Анан.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината, со особен фокус на трансатлантското партнерство. Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата.

4 3 1 5