Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, учествуваше на првиот Светски инаугуративен форум за развој и здравје на жените, кој на 11 и 12 февруари се одржа во Њујорк. Таа имаше свое обраќање на воведната сесија, како еден од главните говорници на форумот, меѓу кои беа генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун, министерот за здравство на Руската Федерација, Вероника Сквортсова, како и високи претставници од меѓународни организации.
„Владата на Република Македонија континуирано усвојува програми кои содржат активности кои се однесуваат на благосостојбата на жените. Промовирањето на здравјето на жените, како и подигнување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги се значаен дел од Стратегијата за родовата еднаквост”.- рече во обраќањето Арсовска Томовска.
Таа додаде дека поддршката на образованието на жените и девојките во ИКТ секторот е, исто така, во согласност со еден од Милениумските развојни цели.
„Посебно внимание посветуваме на промовирањето на родовата еднаквост и зајакнувањето на улогата на жените преку информатички и комуникациски технологии. Во 2012 година, Република Македонија се приклучи на иницијативата на Меѓународната унија за телекомуникации “На технологијата и се потребни девојките” и секој април го одбележува националниот “Ден на девојките во ИКТ”.– додаде заменик министерката.
На крајот од форумот беше усвоена декларација посветена на заштита на здравјето на жената и одржлив развој, со која се дефинираат кампањи, стратегии и партнерства во оваа област.
Инаку, настанот се одржа во седиштето на Обединетите Нации во заедничка организација помеѓу Меѓународната научна фондација при Кралската академија на Велика Британија и Одделот за економски и социјални работи на Обединетите Нации. За време на престојот во Њујорк, Арсовска Томовска оствари и бројни билатерални средби со високи гости од повеќе земји, со кои размени мислења и искуства во рамките на темата на форумот.