Со новиот Оперативен план за за услуги на пазарот на трудот и активните програми и мерки за вработување за 2015 ќе бидат опфатени 16.226 невработени лица од што Владата очекува околу 8.200 директни вработувања. За спроведување на Оперативниот план е предвиден буџет од 660 милиони денари, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Од очекуваните 8.200 директни вработувања, како што рече Пешевски, 3.200 лица треба да бидат вработени преку активните мерки за вработување, а 5.000 млади лица до 29 години преку мерката за ослободување на придонеси за 12 месеци за приватните компании.
Со програмата за самовработување ќе бидат опфатени 960 лица, поддршка на микро и малите претпријатија за создавање нови работни места 200 лица, со програмата за условен паричен надомест за субвенционирани вработувања на лица со социјален ризик е предвиден опфат на 136 лица, а за субвенционирано вработување на невработени и млади до 29 години преку ослободување придонеси опфатот е 5.000 млади. Со мерката обука кај познат работодавач се предвидени 1.000 лица, а со обука на работно место со субвенционирано вработување 476 лица.
Со обуката, пак, за задоволување побарувани занимања на пазарот на трудот опфатот е 220 лица, а со обуката за задоволување на побарувани занимања на пазарот на труд кај приватни спроведувачи на обуки 181 лице, обуки за напредни ИТ вештини 270 лица, практиканство 1.000 лица, анкета за потреба од вештините на пазарот на трудот 26 лица, обуките за основни вештини за вработување 2.000 лица, програма за општокорисна работа 300 лица и други пилот програми 140 лица, како и обука за доживотни вештини 140 лица.
„Приоритет за учество во некои од мерките ќе се доделува исклучиво врз основа на критериумите утврдени за секоја одделна услуга и програма, а како важно правило во сите услови и програми и обуки за вработување во Оперативниот план ќе се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажите и жените и стапка на учество на младите до 29 години од најмалку 30 проценти“, рече вицепремиерот Пешевски.
Очекуваме, додаде, зголемување на ефикасноста во испораката на услугите и спроведување на програмите за вработување, за поедноставување на административните процедури и олеснување на севкупното спроведување на програмите.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека упатувањето на невработените до услугите и програмите за вработување ќе се врши врз основа на јавни повици за аплицирање што ќе бидат отворани во текот на целата година, како и со посредување.
„Центрите за вработување ќе ги применуваат принципите утврдени со новиот модел на услуги на АВРМ, како што се профилирање, согледување на вработливоста и идивидуализиран пристап кон невработените лица“, рече Спасов.
Со невработените кои се активни баратели на работа евидентирани во регистарот на невработени на АВРМ и ги исполнуваат критериумите утврдени со програмите, појасни Спасов, ќе се контактира на повеќе начини, телефонски, преку смс пораки, со електронска порака и ќе им се понуди учество во соодветна мерка и програма. Истовремено невработените активни баратели на работа ќе имаат можност да аплицираат преку отворените јавни повици за пријавување од почетокот на годинава за сите програми и мерки за вработување.
„Ги охрабрувам сите евидентирани невработени лица како активни баратели на работа, кои имаат бизнис идеи и сакаат да ги реализираат или кои сакаат да ги искористат можностите да обебзедат сопствено вработување да ги следат јавните повици и на нив да апицираат“, рече Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски најави дека за реализација на оперативниот план за 2015 година година, меѓу другото, ќе се спроведуваат мотивациски обуки за невработените кои се подолго време на листата на невработени и не бараат активно работа. – Ќе се обидеме преку овие работилници да го подигнеме нивниот мотив да бараат работа, односно како да бараат работа и како да се постават, рече Поповски. Истовремено ќе се работи на информирање на работодавачите за мерките и активностите за вработување, а ќе бидат организирани и саеми за вработување.
Лани со владиниот оперативен план за врабтување е планирано да бидат опфатени над 10.000 лица, но бројот се зголемил, а апликации на повиците доставиле над 27.000 лица. Постигнати се над 5.000 вработувања. Од 2007 година досега во мерките за вработување со апликација учествувале над 70.000 невработени што овозможило 36.700 вработувања. Моментно се вработени над 27.000 лица, без мерката ослободување од придонеси.